Жителите на најсиримашните населби на шпанската престолнина Мадрид во неделата излегоа на улиците поради воведувањето на карантинските мерки во квартовите со најголем број заразени со коронавирусот.
Властите на регионот на Мадрид објавија во петокот дека од понеделник ќе биде забрането движењето во шест населби во кои живеат околу 850.000 луѓе, освен за одење на работа и во училиште. Карантинот првенствено се однесува на најсиромашните области во кои живеат и бројни мигранти. Мирните протести во неделата се одржаа во 12 од 37 мадридски квартови.
Неколку стотици лица протестирале во Валекас, јужна населба во која живеат лица со послаби приходи и многу мигранти. Валекас ја има една од најголемите стапки на коронаинфекции во Мадрид, речиси шест пати поголема отколку во Шамбери, една од побогатите населби на северот од градот.
Демонстрантите бараа соодветни мерки за заштита во овие области во кои живее работничката класа. Потсетуваат дека таму нема здравствени центри, како и дека многумина од тамошните жители немаа договори за работа па не можат да одат во карантин знаејќи дека така нема да може да заработат за преживување на нивните семејства. „Валекас не е гето“, скандирале демонстрантите.
Повикаа и на оставка на локалната функционерка Изабела Дијаз Ајузо, којашто претходнои седмицава порача дека „начинот на живеење на мигрантите“ е делумно виновен за растот на случаите на коронавирусот.
Мадридскиот градоначалник Хозе Луис Мартинез-Алмеида изјави дека со новите мерки не се дискриминираат сиромашните. „Нема жители од прв и втор ред. Мораме да бидеме заедно во овие моменти“, објави градоначалникот на Twitter.
Властите во Мадрид, на која отпаѓаат третина од сите коронаинфекции во Шпанија, најавија посторги мерки во областите во кои има повеќе од 1.000 заразени на 100.000 жители. Ќе биде забранет пристап во парковите, собирите ќе се ограничат на шест лица, а рестораните и кафулињата во тие области ќе може да работат до 22 часот.
Не е исклучено и воведување карантин на територијата на целиот регион на Мадрид. „Доколку биде потребно да се затвори Мадрид, ние ќе го сториме тоа“, изјави главниот епидемиолог Енрике Руиз Ескудеро во интервју за ABC во саботата.
Шпанија има најголем број заразени со коронавирусот во западна Европа, но премиерот Педро Санчезја отфрли можноста од воведување втор карантин во интервјуто за телевизијата La Sexta во саботата.
Во Шпанијата од почетокот на епидемијата заразени со коронавирусот досега се околу 65.000 луѓе, а од нив 30.450 починале од Covdi-19.