Во Минск средба Лукашенко – Болтон

Претседателот на Белорусија Александар Лукашенко на средбата со советникот за национална безбедност на Белата куќа, Џон Болтон изјави дека сака повторно да ги активира односите меѓу двете земји.

Болтон е највисок американски претставник кој по повеќе години е во посета на Белорусија, при што покрај средбата со Лукашенко предвиден е и состанок шефот на белоруската дипломатија Владимир Макеј.

Американскиот советник пред посетата на Минск изјави дека е „важно да се посети Белорусија и да се разговара за нејзиниот суверенитет и територијален интегритет“.

Посетата на Болтон уследи по вчерашната средба на Болтон со претседателот на Украина, Володимир Зеленски во Киев, каде американскиот советник инсистираше на територијалниот интегритет на Украина во рамките на вооружениот судир помеѓу украинските сили и проруските сепаратисти во источниот дел на земјата.

Во 2010 година меѓународната заедница воведе санкции за Белорусија, откако Лукашенко го освои четвртиот претседателски мандат. Дел од санкциите се укинати во 2015 година откако во Белорусија беа ослободени политичките затвореници. Истата година Лукашенко го освои петтиот претседателски мандат.
Во последните години се шпекулира, посебно во руските медиуми, за евентуално обединување на Русија и Белорусија во една држава, со што би му се овозможило на рускиот претседател Владимир Путин, кој според Уставот нема право повторно да се кандидира на изборите во 2024 година, да остане на власт по истекот на сегашниот мандат.

Но, Лукашенко тврди дека 98 проценти од Белорусите се против обединување со Русија.

– САД најверојатно бараат дупка за да го засилат своето влијание во Украина, Белорусија и Молдавија, напиша американскиот институт Стратфор.

Болтон по посетата на Украина, во Кишењев имаше средба и со молдавската премиерка Маиа Санди, која во јуни, кога стапи на функција изјави дека сака да ја ослободи Молдавија од олигархијата.

Молдавија се наоѓа помеѓу Романија и Украина и е една од најсиромашните држави во Европа.

Поранешната советска република има 3,5 милиони жители и долг период беше на првата линија на геополитичкото ривалство помеѓу Европска Унија и Русија.