Од сите германски сојузни покраини, жителите на Бремен се најмногу изложени на пад во сиромаштија, а уште поголема е опасноста од осиромашување на истокот од земјата, се наведува во извештајот на Сојузното биро за статистика со седиште во Визбаден.
„Дури 22,7 отсто од жителите на градот – сојузна покраина Бремен живее на работ од сиромаштијата, а најмалиот процент е забележан во економски најразвиените покраини Баварија и Баден-Витембер“, се наведува во извештајот на статистичкото биро.
По Бремен, на најголема опасност од живот во сиромаштија се изложени граѓаните на источните сојузни покраини Мекленбург-Померанија и Горна Саксонија, но и главниот град Берлин каде што 18,2 отсто од населението живее на работ од сиромаштијата.
Иако овие вредности се приближиле кога станува збор за разликата меѓу поранешните Западна и Источна Германија, разликата во економската моќ меѓу истокот и западот сѐ уште е забележлива.
Меѓутоа, истовремено е забележано намалување на опасноста од сиромаштија во некои источни сојузни покраини со зголемување на опасноста на западот, како што се сојузната покраина Северна Рајна-Вестфалија. Во некои градови во овој дел од земјата процентот на граѓани кои живеат на работ од сиромаштијата е изразено висок, на пример во Диусбург со 27,4 отсто.
Од социјалните групи најмногу на ризик од сиромаштијата изложени се самохраните родители, со 40,4 отсто на западот и со 44,5 отсто на истокот од земјата.
Опозициската партија Зелени смета дека процентот луѓе кои живеат на работ на сиромаштијата сѐ уште е превисок за богата земја како што е Германија. „Целта е овие вредности и натаму да се намалуваат, но владата се опушта и се повикува на поволните економски околности во земјата“, коментира Волфганг Штренгамн-Кун од паритијата Зелени.
Сојузот на синдикатите на Германија смета дека е скандалозен порастот на самохраните родители на коишто им се заканува сиромаштијата.
На работ од сиромаштијата во Германија се смета дека живее она лице коешто на располагање има 60 отсто од просечното примање за одреден регион, што е околу 1.000 евра месечно.