Во новата 2014 година (заклучно со 31 декември 2013) Општина Штип влегува со 1167 предмети во процедура за легализација на бесправно изградени објекти. Тоа значи дека во следните месеци, ќе се постапува по овие барања за легализација, со цел истите да бидат решени.
Решени се 4350 предмети од вкупно 10.467 поднесени барања за легализација. Времено се одбиени речиси половина или 4920 заради недостаток на еден од трите побарани докуменмти, од кои најчесто недостигаат елаборати. До сега негативна одлука за легализација е донесена само за 30 предмети со правосилна одлука.
Важно е да се напомене дека овие 4920 баратели за легализација, имаат можност до 18 јуни годинава да ја комплетираат документацијата. Имајќи во предвид дека најчесто недостасува елаборат, важно е навреме да го обезбедат за да не се случи на истекот на рокот, масовно да се бара изготвување на елаборати што би ги блокирало и геодетите и комисиите. Доколку документацијата не е комплетирана, тоа ќе значи дека прекинатите постапки ќе бидат и дефинитивно одбиени заради некомплетна документација по што истите можат да се рушат.
Во исто време, од општината апелираат и за приватизација на дворовите, иако постапката не е во надлежност на Општина Штип. Владата го продолжи рокот за откуп на дворното земјиште. По овој рок, доколку не го откупат дворното место, ќе треба да потпишат договор за закуп на земјиштето. По завршувањето на претходниот рок, декември 2012 година, формирани се над 1.970 предмети за откуп на земјиште, но на терен интересот е уште поголем.
По завршувањето на овој рок оние што нема да го приватизираат земјиштето ќе треба да склучат договор за закуп, ќе се утврди надомест за закуп, од кој 20 отсто од средствата ќе бидат за буџетот, а 80 проценти ќе одат во општината каде што се наоѓа земјиштето.