Научно-истражувачкиот институт за грип „Смородинцев“ од Санкт Петербург, објави во понеделникот дека испитува вакцина против коронавирусната болест Covid-19, пренесува агенцијата РИА, цитирајќи го директорот на институтот.
Како што рекол директорот Дмитриј Лиознов, претклиничките испитувања на вакцината веќе завршиле и во моментов институтот до регулаторите ги доставил документите за одобрување на следната фаза во тестирањата.
Лиознов истакал дека нивниот препарат истовремено ќе штити и од зараза со коронавирусот и од грипот А.
„Во тек се таквите истражувања. Се надевам дека доколку сѐ се одвива во ред, тогаш пред Нова година ќе го започнеме клуничкото испитување“, додал.
Во моментов во Русија за употреба се регистрирани и одобрени пет типови вакцини против коронавирусот. „Спутник V“ која беше и воопшто првата која доби одобрување во светот уште летото 2020-та, која е широко користена за масовна вакцинација и е одобрена во 70 земји во светот. На Русите, исто така, на располагање им се и вакцините против Covid-19 под називите „ЕпиВакКорона“ и „КовиВак
За ревакцинација се препорачува вакцината „Спутник Лајт“, која е модифицирана верзија на „Спутник V“, којашто се аплицира во една доза. Минатата седмица, руското министерство за здравство ја регистрираше и вакцината „ЕпиВакКорона-Н“, којашто ја има истата активна состојка како и „ЕпиВакКорона“, но се синтетизира на различен начин.