Во Словенија 14 новозаразени во последните 24 часа

Словенечките здравствени власти во последното деноноќие на коронавирусот тестирале 878 лица, при што заразата е потведена кај 14 од нов, соопшти во саботата словенечката влада.

Станува за дневен скок на новите случаи со коронавирусот како што не е забележан во Словенија уште од 24-ти април, кога беа потврдени 15 коронацирусни инфекции.

Со новите податоци од последните 24 часа, бројот на активните случаи се зголемил на 80, а бројот на потврдени зарази од почетокот на епидемијата на 1.572, по изведените речиси 100.000 тестови.

Во моментов во словенечките болници од Covid-19 се лекуваат осум лица, од кои еден пациент е згрижен на оддел за интензивна нега.

Нови смртни случаи не се регистрирани, па бројката смртни исходи како последица од заразата со коронавирусот остануваа 111 починати.

Портпаролот на словенечката влада, Јелко Кацин, на својот официјален профил на Twitter предупреди дека ширењето на коронавирусот во земјата последните денови е загрижувачко.

„Извештајот на Институтот за јавно здравје за загрижувачкото ширење на Covid-19 во Словенија претставува предупредување. Вчерашните позитивни тестови на коронавирусот се потврдеа дека луѓето преслабо се придржуваат до упатствата за одржување на социјалната дистанца од 1,5 метри, а тоа е важна мерка во борбата со вирусот. Секундарните зарази кои сега се случуваат треба да бидат опомена за сите дека предупредувањата од медицинските стручњаци мораме доследно да ги почитуваме“, напиша Кацин.

Од почетокот на јуни во Словенија се потврдени 98 заразени лица, а во првите пет дена од оваа седмица со тестирањата е потврден 51 нов случај.

Поради растот на новите случаи во Словенија, но и во соседните земји, словенечката влада воведе оваа седмица повторно мерка за задолжително носење маски во затворени простории и во јавниот сообраќај, а при заминување во странство во држави со слична епидемиолошка ситуација се препорачува претпазливост и увид во локалната епидемиолошка состојба пред патувањата.