Во Словенија 470 новозаразени и 45 починати од коронавирусот, болниците преполни

Во Словенија во последните 24 часа со 1.742 спроведени тестирања потврдени се 470 нови коронаинфекции, а од последици на компликациите предизвикани од заболувањето Covid-19 починале уште 45 лица, соопшти во понеделникот словенечката влада.

Вообичаено во текот на викендите се спроведуваат помалку тестирања, па оттаму и бројките на новозаразените кои се објавуваат во понеделниците се помали отколку во текот на седмицата. Најмногу зарази во Словенија во еден ден беа забележани кој крајот на октомври, кога беа потврдени рекордни 2.611 инфекции. Последните денови бројот потврдени зарази на дневно ниво варираше меѓу 1.500 и 2.000 случаи, а уделот на позитивните тестовите во вкупниот број анализирани примероци се движеше меѓу 25 и 30 отсто. Процентот на позитивните тестови и натаму останува висок, па во неделата изнесувал речиси 27 отсто.

Во словенечките болници во моментов се згрижени 1.292 пациенти со Covid-19, што е најмногу од почетокот на епидемијата во земјата, иако во неделата се отпуштени 29 пациенти. На одделите за интензивна нега, пак, во моментов има 201 пациент со тешка форма на болеста од чиишто компликации досега во Словенија починале 1.097 луѓе.

Епидемиолозите веруваат дека бројот на новите хоспитализирања, а со тоа и бројот на потешко заболените, како и на смртните случаи, ќе почне да се намалува по една седмица. Иако бројот на болничките кревети на ковид-одделите последните седмици е зголемен за над 200 постели, здравствените власти предупредуваат дека капацитетот на здравствениот систем е ограничен поради недостигот од образуван стручен кадар кој е во состојба да работи особено на одделите за интензивна нега, како и дека персоналот е на работ на издржливоста.

Од почетокот на епидемијата во Словенија потврде и се 65.778 случаи на коронаинфекции, а активни во моментов се 20.123 случаи. Инциденцата на заразата на 14 дена во моментов изнесува 960 на 100.000 жители, објави во понеделникот министерството за здравство.

И оваа седмица во Словенија на сила ќе бидат најстрогите рестрикции за сузбивањето на ширењето на вирусот, меѓу другото и мерката полициски час, односно забраната за движење надвор од домовите во ноќните часови, потоа „затворање“ во рамки на општинските граници и забрана за секаков вид собирања надвор од најтесниот семеен круг.

Во текот на седмицава, според најавите на словенечката влада, во здравствените установи би требало да започне системското или задолжителното тестирање на коронавирусот, а персоналот би се тестирал најмалку еднаш седмично. Владата подготвува и слични тестирања во домовите за стари и немоќни лица, а покрај тоа наложи и изрботка на планови за доброволно масовно тестирање на населението со антигенски тестови.