Во Словенија во последните 24 часа потврдени се 557 нови зарази со коронавирусот, а втор ден по ред од Covid-19 починале 25 лица, објави во понеделникот словенечката влада, додека нејзините стручњаци проценуваат дека кон крајот на седмицата треба да се видат првите резултати од воведените рестриктивни мерки.
Во словенечките болници во моментов има 868 хоспитализирани пациенти, од кои 135 се на одделите за интензивна нега, според податоците кои ги објави министерството за здравство.
Вкупниот број потврдени заразени лица од почетокот на епидемијата надмина 36.000, а активни се над 23.000 случаи. Ж
Според процените на епидемиолозите од владиниот експертски тим, првите резултати од строгите рестриктивни мерки може да се покажат кон крајот на оваа седмица, но за смирување и доведување на вториот бран на епидемијата под контрола ќе биде потребен период од два инкубациски циклуса, односно четири седмици, додека со релаксацијата на мерки кои се на сила би можело да се започне и порано.