Во Србија 99 жртви на коронавирусот, Велигден верниците ќе го слават дома

Во Србија во последното деноноќие забележани се 408 нови случаи на заразата со новиот тип коронаворус и уште пет смртни исходи меѓу заразените, објавено е во средата, а властите и Српската православна црква (СПЦ) успеаја да се согласаат околу препораките околу тоа Велигден да се слави во домашни услови.

До средата попладнето во Србија се регистрирани 4.873 случаи на Covid-19, од кои починале 99 луѓе, соопшти српскиот министер за здравство Златибор Лончар. Натаму во дневниот пресек на епидемиолошката состојба истакна дека за 24 часа биле тестирани 2.880 лица, а до почетокот на епидемијата вкупно 26.278, како и дека во ткн „ковид болници“ во моментов има 3.245 пациенти, од кои на респиратори се ставени 128 лица.

Меѓу 4.862 заразени со коронавирусот, 557 се здравствени работници, што е 11,43 отсто од вкупниот број заболени, а на болничко лекување се 363 медицинари.

Лончар истакна дека во последното деноноќие од респираторите се симнати пет пациенти, констатирајќи дека резултатите „не се лоши“, бидејќи охрабрува тоа што помалку пациенти се приклучени на вештачки бели дробови.

Министерот Лончар тврди дека „ситуацијата е под контрола, освен во Ниш и Пожаревац“, а за овие окрузи српската влада формирала посебен кризен штаб откако во Геррантолошкиот центар во Ниш со пропустот на тамошната управа заразени се најмалку 140 штитеници и пет вработени во центарот.

 

СПЦ ги повика верниците да ги прифатат здравствените препораки

Во Србија извесно време во јавноста се разгоре дискусијата дали на верниците ќе им биде дозволено, и покрај полицискиот час од петокот во 17 часот до вторникот до 5 часот утротот, да може да учествуваат на велигденските прослави и литургии, што претходно го бараше синодот на СПЦ во врска по повод Велигден. Со денешното заеднички соопштение на претседателот Александар Вучиќ и патријархот Иринеј, овие дилеми би требало да се отстранети.

Во заедничкото обраќање до јавноста, Вучиќ истакнува дека „ја разбира потребата на народот и на Црквата за прослава на најголемиот христијански празник на Христовото воскресение“, за што СПЦ го замолила државниот врв, но и дека „не е возможно да биде донесена поинаква одлука“, алудирајќи на препораката верниците да не се собираат во црквите.

Патријархот Иринеј, пак, забележа дека „многумина, па дури и некои официјални претставници, даваа непримерени изјави создавајќи необјективна медиумска слика, којашто би можела да му штети на угледот на српската црква и државата неточно интерпретирајќи ја намерата на црквата и на државата“.

Потоа патријархот им препорача на верниците да го прифатат она што го кажуваат стручњаците, и да се придржуваат до мерките и упатствата.

„Му препорачуваме на нашиот народ да го прифати она што го велат луѓето од струката, кои го познаваат проблемот кој нѐ снајде. Да се придржуваат на тие упатства. Убаво е да се дојде на големите празнции в црква, но ова е вонреден момент во нашиот живот. Можеме да му се молиме на Бога и во својот дом, во таа домашна црква“, порача поглаварот на СПЦ.