Пешачкиот висечки мост долг речиси половина километар беше пуштен во функција во швајцарскиот контон Вале во саботата, со што е надминат светскиот рекорд за вакви конструкции.
Како што пренесува порталот 20 Minuten, мостот наречен Europabrücke (Европски мост) го носи и името на Чарлс Квон, еден од спонзорите на конструкцијата, и се наоѓа на височина од околу 85 метри од земјата во клисурата Грабенгуфер и ги поврзува местата Грахен и Зермат. Должината на мостот изнесува 494 метри, а широчината 65 сантиметри.
Во информацијата се додава дека изградбата на висечкиот мост чинела околу 730.000 швајцарски франци.
Туристичкото биро на Зермат соопшти дека ова е најдолгиот висечки мост во светот, иако 405 метри долгиот мост во Реуте во Австрија виси 110 метри повисоко над земјата.
Со новиот мост се заменува всушност претходниот мост кој бил оштетен од паѓање на карпите. Новиот мост, чиишто кабли тежат околу осум тони, е опремен со систем кој го спречува лулањето. Како туристичка понуда се нуди во рамките на дводневната пешачка тура меѓу Зермат и Грахен во јужна Швајцарија со поглед на планината Матерхорн.