Иран технички има можност да направи нуклеарна бомба, но допрва треба да донесе одлука дали ќе ја направи, изјави во неделата за панарапската катарска телевизија Al Jazeera, високиот советник на иранскиот врховен водач ајатолахот Али Хамнеи.
„За неколку дена ќе имаме можност да збогатиме ураниум до 60 отсто и едноставни можеме да произведеме 90 отсто збогатен ураниум. Иран има техничка можност да произведе нуклеарна бомба, но Иран не одлучи да направи бомба“, изјавил Кама Харази.
Според Харази, недостигот од гаранции од страна на САД во однос на зачувувањето на договорот од Виена со официјален наслов Заедничкиот сеопфатен акционен план (JCPOA) за прашањето за иранското нуклеарно досие претставува „замка за какви да се можни договори меѓу двете страни“.
Покрај тоа, советникот на ајатолахот Хамнеи вели дека доколку Меѓународната агенција за атомска енергија (IAEA), „беше независна и праведна, тогаш ќе беше полесно да се надминат разликите меѓу преговарачите“.
Харази, исто така, вели дека „доколку се случи напад врз Иран од територијата на која и да е соседна држава, Техеран ќе им одговори на тие земји, како и со директен удар врз Израел“.
Додаде дека Техеран никогаш нема да се согласи да преговара и за својата ракетна програма и регионална политика, како што бараат САД и нивните регионални сојузници на Блискиот исток, сунитските арапски монархии и Израел.
Во 2018 година тогашниот американски претседател Доналд Трамп еднострано ги повлече САД од нуклеарниот договор кој Иран во 2015 година го потпиша со шесте светски сили. Со тој договор Техеран се согласи на драстично намалување на процентот и количеството на збогатен ураниум во замена за укинување на децениските санкции, а Трамп сакаше проширување и со иранската ракетна програма.
Откако речиси цела година европските членки на договорот, Франција, Германија, Велика Британија и ЕУ, не успеаја да помогнат иранската економија да се сочува од американските санкции, Техеран почна постепено да суспендира одредби од договорот, особено во поглед на збогатувањето на ураниумот.
Иран долго негираше дека сака да произведе нуклеарно оружје, во прв ред велејќи дека исламот забранува употреба на оружја за масовно уништување, а дека нуклеарната енергија му е потребна за енергетски потреби и во истражувачки медицински цели.
Техеран притоа порача дека ќе се врати на почитување на своите одредби од нуклеарниот договор доколку САД ги укинат санкциите и се вратат во договорот. Индиректните преговори меѓу Иран и администрацијата на сегашниот американски претседател Џо Бајден, со цел двете страни да се вратат во договорот, се прекинати од март.