Бројот на новозаразените со новиот тип коронавирус во Јужна Кореја пораснал откако три дена по ред се намалуваше, објавија во средата здравствените власти, а третина од новите случаи на болеста се „увезени“.
Во изминатите 24 часа забележани се 100 нови случаи, од кои 34 стасале од странство, што е најголем број откриени случаи во еден ден кај патници кои пристигнале во Јужна Кореја, според корејските центри за контрола и превенција на болестите.
Со тоа, вкупниот бој на заразените од избувнувањето на епидемијата во Јужна Кореја се искачи на 9.137 пациенти, а бројот на починатите се зголемил за шест, на 126 смртни исходи.
Јужнокорејските власти најавија воведување построги мерки за сите патници од САД, поради зголемениот број увезени случаи, објави премиерот Чунг Сје-јун во средата.
„Неопходно е да се воведат построги мерки за пристигнувањата од САД, покрај веќе постојното тестирање на сите патници коишто доаѓаат од Европа“, рече Чунг.
Јужна Кореја во понеделникот забележа најмал дневен пораст на заразените – 64, од 25-ти февруари. Помалку од сто новозаразени беа евидентирани и во неделата и во вторникот.
Додека бројот на новозаразените се намалува во двата најпогодени региона, градот Даегу и покраината Северен Гјеонгсанг, континуирано расте бројот на новозаразените во главниот град Сеул.