Во вежби на противвоздушната одбрана на Русија во московскиот регион учествуваа 150 војници

Русија денес објави дека во заднината на конфликтот во Украина во регионот на Москва спровела вежби на противвоздушната одбрана за да ја заштити својата клучна инфраструктура во случај на воздушни напади.

„Одржани се вежби во московскиот регион, а во нив учествуваа припадници на противвоздушната ракетна бригада на Западниот воен округ. Целта им е спремност за одбивање воздушни напади на важната воена, индустриска и административна инфраструктура“, порача руското министерство за одбрана.

Според руското министерство, војниците кои учествувале во вежбите се обучувале за користење на противвоздушните системи С-300.

Во овие вежби учествуваа вкупно повеќе од 150 војници кои притоа користеа повеќе од 30 парчиња оружје и воена и специјална опрема“, објави истиот извор. Руската одбрана не прецизираше кога биле одржани вежбите.

На новинарското прашање дали Русија стравува дека Москва е мета, портпаролот на Кремљ Дмитриј Песков вчера одби да одговори, насочувајќи го прашањето кон министерството за одбрана.

Русија во последните месеци беше изложена на повеќе напади кои ѝ се припишуваат на Украина, а станува збор за саботажи, напади со беспилотни летала и артилериски оган во пограничните области.