Вучиќ: „Џабе ни се нови болници, ако не сме дисциплинирани и одговорни“

Претседателот на Србија изјави дека утрово веќе имало 47 смртни случаи од коронавирус.

„Денес е најтешкиот ден за Србија и секој следен во идниот период ќе биде најтежок. Уште утрово имаше 47 починати, што е најголем број досега, а веројатно до пресекот во 14 часот ќе има уште повеќе“, рече Александар Вучиќ.

Тој истакна дека состојбата во болниците е ужасно тешка. „Кога на преглед, секој ден, примате 10.000 луѓе, а од нив треба да сместите 1.000 во болници, а немате ниту еден слободен кревет, тогаш е јасно каква е ситуацијата“, рече Вучиќ и додаде: „Џабе нови болници и клинички центри, што ги градиме повеќе од кога било, ако не бидеме дисциплинирани и одговорни, ќе се приближиме до катастрофално сценарио“.

Претседателот на Србија рече дека вакцината против короната не била тема на неговиот денешен разговор со францускиот министер за надворешна трговија и повтори дека државата се обидува да дојде до вакцина што е можно поскоро, а во врска со критиките на неговата најава дека тој ќе биде првиот што ќе се вакцинира, тој повтори дека ќе биде виновен, што и да стори во врска со тоа прашање.

Тој го даде коментарот по повод одредени коментари на социјалните мрежи дека „некогаш капетаните останувале последни на бродот, а сега први примале вакцина“, а тој забележа: „Ако не ја примам, ќе кажат дека не е безбедна“.

Запрашан да ги коментира проценките на Синдикатот на вработени во полиција дека вакцината може да предизвика смрт, Вучиќ одговори дека станува збор за крајно неодговорни луѓе, кои треба да се срамат од своите зборови.

„Како да имаме малку мртви и страдања, како да имаме малку маки па треба да ги плашиме луѓето со вакцината… Што треба да правиме, да зборуваме дека корона вирусот не постои, а починаа 1.300 луѓе? Кажете им го тоа на оние кои ги изгубија своите најблиски“, истакна Вучиќ.

Тој истакна дека вакцината е нешто со кое човештвото победило големи болести, кои со векови одземале човечки животи. „Да кажев дека нема да ја примам, ќе речеа дека вакцината не е безбедна и сигурна. А, јас ќе ја примам првата што ќе дојде, која и да е, затоа што толку верувам во здравствените системи во светот“, рече Вучиќ и иронично забележа:

„Ќе чекам што ќе ми кажат оние (кои го критикуваат), па така ќе сторам“. Тој додаде дека нему му е сеедно кога ќе се вакцинира, но дека е најважно вакцината да стигне до граѓаните, сите да бидат заштитени.

„Никогаш не сум се криел, ниту сум бегал, од никаде, и кога е короната, тука сум со луѓето, градиме болници. Да се повлечам, нема, а на нив на чест да им е сè. Народот гледа сè“, рече Вучиќ.

Претседателот додаде дека вакцината не била тема на денешниот разговор со францускиот министер за надворешна трговија, но тој исто така повтори дека државата се обидува да дојде до вакцината. „Сите се трудат и се обидуваат, и преку Ковакс и билатерално. Разговараме и со Британците, Русите, Кинезите, но сè уште ја немаме. Ќе се трудиме, ќе дадеме сè од себе, колку мала земја како Србија може, да биде меѓу првите мали земји што ќе ги добијат првите количини“, рече Вучиќ.