Вучиќ прогласи апсолутна победа на СНС

Српскиот претседател Александар Вучиќ, чие име беше на изборната листа на владејачката Српска напредна партија (СНС), во неделата вечерта објави дека освоиле апсолутно мнозинство на предвремените парламентарни избори и дека СНС победила и на изборите во Белград.

Според проекциите на локалните експозитури на Ipsos, листата на Вучиќ освоила 128 од 250 мандати во српскиот парламент.

Вучиќ во изборниот штаб на СНС рече дека врз основа на досега преброените два милиона гласови, СНС никаде во Србија не добила помалку гласови отколку на изборите пред една година, туку 10 отсто повеќе од 2022 година.

Рече и дека, според резултатите кои ги имаат во СНС, листата на опозициската коалиција „Србија против насилство“ е втора по бројот гласови со 28 до 29 отсто од гласовите. Според Ipsos, тоа ѝ носи 66 мандати во парламентот.

Листата „Александар Вучиќ – Србија не смее да застане“ освои 38,5 отсто од гласовите на изборите за градското собрание на Белград, а на второто место е листата „Србија против насилството“ со 35 отсто поддршка од гласачите, рече тој.

Следува конзервативната коалиција НАДА со шест отсто од гласовите, Социјалистичката партија на Србија (СПС) на шефот на дипломатијата Ивица Дачиќ ќе има 5,4 отсто, а листата на докторот Бранимир Несторовиќ околу 5,1 отсто.

Дачиќ му ја честитал победата на Вучиќ, велејќи дека не е задоволен од резултатот на неговата партија, но е подготвен да ја продолжи соработката со СНС доколку тоа е „нивна одлука“. Тој посочил дека по овие изборни резултати треба да се бара нов лидер на СПС.

Од 120 мандати во регионалниот парламнт на Војводина, на листата „Србија не смее да застане“ ќе има меѓу 67 и 69 претставници, „Србија против насилството“ од 28 до 29, Алијансата на војводинските Унгарци девет, Социјалистичката партија на Србија седум, Конзервативната коалиција НАДА шест, а Руската партија еден мандат, објави Вучиќ на прес-конференција во седиштето на СНС.

„Кога и да ве отпишат, тогаш се борите уште посилно“, им порача Вучиќ заблагодарувајќи им се на своето семејство, меѓународната заедница и сограѓаните на крајот од своето обраќање.