ВИДЕО: За влез во Унгарија, Груевски имал и пропусница

Српскиот претседател Александар Вучиќ, вчера, по повеќедневен молк на прашањата на новинарите, потври дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски, преку граничниот премин Хоргош ја минал српско унгарската граница, со лична карта и со пропусница.

Во интервју за српската ТВ „Хепи“ Вучиќ рече дека Груевски на 11 ноември ја напуштил Македонија и со лична карта, во друштво на двајца унгарски државјани, влегол на територијата на Албанија, од каде преку граниччниот премин Божај преминал во Црна Гора.

Груевски на 12 ноември нешто пред 22.30 часот преку граничниот премин Гостун со лична карта влегол во Србија, од каде заминал за Унгарија преку граничниот премин Хоргош, каде се легитимирал со лична карта и со пропусница што ја добил од Албанија.

Дури на 13 ноември во 19.35 од страна на Интерпол Скопје ни беше доставена меѓународна потерница. Што очекувате? Да апсиме луѓе за кои не е распишана потрага? А камо ли меѓународна потерница, рече Вучиќ додавајќи дека она што тој го кажал, е вистината за тоа како Груевски заминал во Унгарија.

Вчера, на унгарскиот амбасадор во земјава Ласло Дукс му беше предадена протестна нота по повод последните информации поврзани со бегството на Никола Груевски и неговото барање за азил во Унгарија.

Како што се наведува во соопштението од МНР, Македонија очекува „веднаш и без одлагање ќе го отфрли барањето за добивање на азилантски статус на осуденикот и бегалец од правдата Никола Груевски и истиот ќе го предаде на Република Македонија, заради извршување на изречената казна затвор, како и продолжување и завршување на останатите судски постапки против него“.

Унгарскиот министер за надворешни работи, Петер Сијарто, по вчерашниот состанок на министрите во ЕУ изјави дека ниеден колега не го покренал прашањето за азилот на Груевски.

Повтори дека поранешниот македонски премиер Никола Груевски изразил желба да поднесе барање за азил во унгарска амбасада и дека владата на Унгарија немала никаква улога во неговото доаѓање, објаснувајќи дека  унгарските власти првпат разбрале за случајот во една од соседните земји во Македонија и дека Груевски „целосно законски дојде во Унгарија во согласност со релевантните национални и меѓународни закони, а сите премини (на граници) беа легитимни“. Уште еднаш повтори дека случајот Груевски е правно, а не политичко прашање.