За 15 години во Албанија пожарите уништиле 388 илјади хектари шуми и насади

Во последните 15 години се проценува дека во Албанија пожарите уништиле 388 илјади хектари шуми и земјоделски насади, главно маслинови.

-Ние сме најсиромашната земја со шуми во Европа и ризикуваме да станеме прва земја без шуми во Европа, предупредува Абдула Дику, експерт за животна средина.

Истрагата потврдила дека најголем дел од пожарите се намерно подметнати, главно предизвикани од палење на отпад собран при чистење на земјоделско земјиште. Затоа смета тој, за да се стави крај на оваа појава, треба да се применуваат одредени прописи како во Македонија и Србија.

-Треба еднаш засекогаш да се забрани палењето земјоделски отпад. Дури и во земјите од регионот, како Северна Македонија, Србија, горењето отпад на земјоделско земјиште е строго забрането. Истото треба да го направиме и ние, посочува тој.

Тој ги коментираше и последните подароци на албанското Министерство за одбрана, кое соопшти дека во текот на јули низ државата биле регистрирани 361 пожар, а за седум месеци годинава пламените јазици уништиле 9.400 хектари шуми, при што најпогодени се окрузите Лежа, Драч, Валона и Корча.

-За пошумување на оваа површина, односно 9.400 хектари, опожарени годинава, потребни се речиси 47 милиони евра, а за мала земја во која буџетот за шуми не постои, тоа е огромна загуба која бара колосални вложувања и децении за да се обнови оваа површина, вели Дику.

И ова лето, критикува тој, владините институции, не менаџирале соодветно со состојбите предизвикани од пожарите и додава дека „клучот за успехот е менаџирањето во првите часови, бидејќи во спротивно пожарот потоа добива опасни размери“.