Порталот МКД.мк деновиве објави документ во кој се наведени условите под кои Бугарската влада ќе дозволи определување на датум за одржување на меѓувладината конференција за започнување на преговри со ЕУ. Дополнително, кон документот додадени се изјави на министерот за надворешни работи г. Димитров. Тој, според цитираната изјава вели:… никогаш нема да прифатиме вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет во преговарачката рамка за пристапување кон европското семејство…
Целосно коректна изјава, се разбира под услов да беше дадена од друга личност. Не од г. Димитров. Имено, тој само пред десетина дена во интервју за една интернет телевизија изјави: …Последниот процес од затворање на македонското прашање ќе бидат билатералните односи и развивање на пријателството со Бугарија, на начин да ни ги тргне сите идентитетски предизвици. Процесот почна со Договорот за добрососедство и од наша и од нивна перспектива мора да се почитуваме, вредностите на другиот. НАТО членството вели дека ќе има држава на оваа територија, а почетокот на ЕУ ќе ни помогне да си ја средиме куќата дома и со средување на односите со Бугарија ќе завршиме суштинска и историска мисија…
За десет дена две сосема различни и контадикторни изјави од еден ист министер за надворешни работи.
Г. Димитров, исто како и целиот државен врв имаат скромни познавања за историјата на Македонија, но и на останатите Балкански држави. Дополнително тие користат терминологија која воопшто не ја познаваат. Нашиот министер вели: „последниот процес во затварањето на македонското прашање“, без при тоа да има во предвид фактот дека македонско прашање никогаш не постоело од аспект на македонските ослободителни организации. Македонското прашање е синтагма која ја користеа сите оние кои се залагаа за поделба на Македонија (Енциклопедија Британика дава доста добра дефиниција за ова).
Таа синтагма повторно се појави на политичката сцена по изјавата на г. Рикер пред сенатскиот комитет за надворешни работи минатата година. Тој пред сенаторите, образлагајќи ја потребата од прием на Македонија во НАТО изјави дека политиката на САД е насочена кон затварање на македонското прашање. Без воопшто да знае што зборува, г. Димитров ја презема истата фраза, заборавајќи дека токму затварањето на македонското прашање подразбира деноминација на македонскиот јазик, а во функција на деноминација на македонската нација. Тоа е основната цел на Бугарија. Дополнително, доколку тој навистина се спротивставува на „вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет“, тогаш министерството што тој го води, требаше веднаш да реагира на изјавата на г. Борисов во која укажува дека ќе им помогне на браќата во Македонија.
Тој тоа не го стори. Премолча на фактот дека за Борисов, но и за мнозинството на Бугарите, Македонците се нивни крвни браќа. Исто како што не го стори и кога неговата колешка Захариева ги образлагаше главните елементи на резолуцијата усвоена од бугарскиот парламент во кој јасно се наведени иститве точки кој сега се објавени во порталот МКД.мк Вушност и нема потреба од враќање толку назад. Доволно ќе беше да го прочита соопштението на Бугарското министерство за надворешни работи по повод приемот на Македонија во НАТО.
Еден од поглавните предизвици кои ги има Република Македонија, од осамостојувањето до сега е немањето на официјална надворешна политика. Македонската надворешна политика е израз на замислите на министерот за надворешни работи, подржан од премиерот и(ли) претседателот. Република Македонија е единствената европска држава која нема официјално утврдена стратегија за национална безбедност. Со самото тоа македонското министерство за надворешни работи нема координати по кои ќе се движи, а со цел остварување на националните интереси. Во такви услови македонската дипломатија е препуштена на инерција и на задоволување на хировите на членовите на владата. Попрецизно кажано, македонската надворешна политика е ставена целосно во функција на внатрепартиските пресметки. Со самото тоа таа е лесен плен за државите кои имаат интереси да ја контролираат. Потпишувањето на договорите со Бугарија и Грција се најочигледен пример.
Претходните влади на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ немаа свест за изготвување на стратегија за национална безбедност, немаа свест и за улогата на МНР во заштитата на националната безбедност, но имаа патриотски инстинкт да не влезат во замките на Бугарија и Грција, подржани од гупата Г-5. Тие влади погрешно зазедоа одбрамбена позиција, а со самото тоа дозволија да ни се случи феноменот Заев. Стара изрека е дека по изгубена битка сите генерали се паметни. Може томови книги да се напишат за грешките на македонската надворешна политика од осамостојувањето до сега, но тоа нема да ги реши предизвиците. Предизвиците можат да се решат само со воспоставување на систем кој ќе овозможи професионалност и координираност на државните институции во заштитата на државните интереси. Дополнително, систем кој грижата на националната безбедност ќе ја базира врз принципот на ефкасност на трошоците.
Да се зборува за капацитетите на македонското министерство за надворешни работи е губење на време. Неговата кадровска и организациона поставеност воопшто не соодејствува со потребите на современата дипломатија. Тоа е претворено во еден скапо платен, но исклучително скромен по знаење, тинк-тенк, кој е целосно во служба на министерот. Како такво, тоа министерство ниту може да креира, ниту да спроведе конзинстентна надворешна политика. За воља на вистината ниту другите министерства не се подобри, пред се министерството за одбрана и за внатрешни работи, како и агенциите за национална безбедност и разузнавање. Без тесна координација, без дневна размена на информации и нивна стручна анализа, но и креирање на заеднички политики, македонската надворешна политика, а со тоа и националната безбедност, се препуштени на милоста и немилоста на странските држави. А, тие немаат милост кога се во прашање нивните национални интереси. Да беше поинаку Заев никогаш немаше да стане премиер, а Димитров министер за надворешни работи. Ако сакаме да бидеме искрени до крај, треба чесно да признаеме дека „шарената револуција“ беше резултат и на низата пропусти на министерството за надворешни работи и агенцијата за разузнавање. Тие целосно потфрлија во извршувањето на функцијата на рано предупредување. Во оваа смисла од не помало значење е и целосната незаинтересираност на македонскиот парламент за воспоставување на контрола врз работата на овие министерства од аспект на реализацијата на обврските за заштита на националната безбедност. Граѓаните мора да знаат зошто и како се трошат нивните пари во овие министерства и агенции.
Евентаулно натамошно разглобување на состојбите во органите задолжени за оставрувањето на целите од областа на националната безбедност, нема никаде да не’ одведе. Едноставно ќе ја направи сликата уште поцрна. Од тие причини изјавите на министерот за надворешни работи, како и на неговите шефови, треба да продолжат да се игнорираат. Тоа се ставови на квинслинзи. Луѓе кои од свои лукративни причини ја доведоа Република Македонија во ситуација да брани нешто за што никој нормален и чесен во светот, не сака ниту да разговара. Нешто што благодарејќи на НОБ, ни беше гарантирано од сојузниците на средбата во Јалта.
Членството на Република Македонија во НАТО, донекаде ја смени гео-политичката слика на јужниот Балкан, но нема никакво влијание врз предизвиците за нашата национална безбедност. Тие и понатаму остануваат високи. Состојбите во регионот на Источното Средоземје катадневно се компликуваат. Влоговите на сите инволвирани страни од ден на ден растат. Обидите на групата Г-5 преку, помеѓу останатото и со промена на уставното име на Република Македонија и започнувањето на процесот на деноминација на македонската нација и народ, не ги постигнаа очекуваните цели. Напротив, турско-либискиот договор за утврдување на заедничка поморска граница, како и зајакната позиција на Србија во преговарачкиот процес за Косово, состојбите ги прави уште понеизвесни. Исто како што ја прави незивесна и состојбата во јужното крило на НАТО. Напорите кои во овој момент ги прави специјалниот преставник на САД, Метју Палмер, не само што не даваат резултати туку се чини дека уште повеќе ги комплицираат работите. Сакале-не сакале САД во еден момент ќе треба да прифатат дека и Турција требе да добие дел од колачот на енергетските ресурси во Источното Средоземје. Но, за тоа ќе требе време.
Токму од тие причини, Македонија, во овој момент, не треба да брза. Во наш интерес е датумот за одржување на првата меѓувладина конференција да ја почека разврската во Источниот Медитеран, а со тоа и на косовското прашање. Премногу сме мали, но и некадарни да ги разбереме сите игри. Допонително, инструментите кои ни стојат на располагање од членството во НАТО, а во функција на заштита на националните интереси, ниту ни се разработени, ниту пак се ставени во конзистентна национална стратегија. Во овој момент, тоа и да се сака нема да може да се стори. Од тие причини, опозициската ВМРО-ДПМНЕ треба будно да ги следи потезите на квинслишкиот врв и да попречува секоја можност овие инструменти да се искористат спротивно на интересите на граѓаните на Република Македонија. Треба јасно да стават до знаење дека не се согласуваат со натамошно продолжување на работата на заедничката историска комисија со Бугарија, се’ до завршување на парламентарните избори. Истовремено, на секој потег на владата, но и државните институции, кои нелогично спроведуваат делови од Преспанскиот договор, треба да се реагира јавно. Таквите реакции ќе предизвикаат интерес кај овие две држави да вложат напори ВМРО-ДПМНЕ да не може да формира нова влада, но тоа е ризик кој треба да се прифати.
Постоењето на Република Македонија, а со тоа и на македонската нација, преставуваше и преставува закана за националната безбедност на Бугарија и Грција, во најширока смисла на зборот. Овој факт за жал беше игнориран од сите државни врвови на Македонија од 1990 година до сега. Цената на тоа скапо ја плативме и се уште ја плаќаме. Време е тоа да престане! Прв чекор во таа насока пожелно е да биде кристално јасната позиција на ВМРО-ДПМНЕ по сите овие прашања, но и визија како да ги затвори. Во светот на меѓународните односи едно нешто најмногу се цени. Јасен и прецизен став. Ниту тактизирање, ниту колебање. Став образложен со сериозни аргументи. Тоа може нема да му се допадне на соговорникот, но ќе го цени. Постепено ќе го принуди да размислува за постигнување на компромис. Компромис кој ќе ги задоволи и македонските национални интереси. Се разбира доколку се јасно и транспарентно наведени во официјален државен документ, а тоа е стратегија за национална безбедност.
Автор: проф. д-р Јован Донев за НетПрес