За Меџити изјавите од ДУИ се двојни стандарди и се контрадикторни: Ако ве боли душата што се самоисклучивме, ќе ви кажеме – тука сме

Двојни стандарди и контрадикторни му се чинат изјавите на Изет Меџити, последните постапки на лидерот на Интегративците, Али Ахмети. Во Клик плус синоќа потврди дека и во минатото имало пропусти на состаноците на Генералниот совет на ДУИ, но немало санкции, а како пример го спомна Талат Џафери.

-Тоа што ми остава најмногу впечаток, со внимание ја следев изјавата на г. Ахмети на почетокот на состанокот кога имаше прашање од ваш новинар…каде што ние не бевме поканети…дали е на дневен ред исклучувањето и тој изјави дека нема на дневен ред исклучување, туку консултации за ограноците. Утредента излезе соопштение од ПР службата иако во ДУИ нема служба за известување туку има портпарол, каде покрај другото се спомнува исклучувањето од партијата. Самоисклучување!“, изјави Меџити.

Според Меџити контрадикторни се изјавите на Ахмети со изјавата на генералниот секретар на партијата Фатон Ахмети, кој во понеделникот рече дека самиот претседател му рекол на последниот состанок да не ја повикува Огнената група.

„Врз основа на Правилникот, претседателот Ахмети е тој кој ги свикува состаноците а јас како генерален секретар имам обврска за да ги организирам состаноците и претседателот ми кажа да не ја поканам оваа група јас туку претседателот ќе ги извести дека нема да бидат поканети на овој состанок.“, рече Фатон Ахмети.

Меџити рече дека очекува да ги повика самиот лидер на партијата, Ахмети и да им ја каже причината за исклучувањето со аргументи, а доколку дознаат дека ќе се свика некаков состанок, Меџити рече дека ќе оди и без покана.

-Доколку им е жал и ги боли душата што се самоисклучивме, ќе одиме за да им кажеме дека сме тука, не си заминавме. Но доколку сакаат да не исклучат треба да ни кажат“, изјави Меџити.

Потпретседателот на ДУИ, Меџити, заврши со тоа дека за нивното исклучување од партиските органи може да одлучи само конгресот бидејќи се избрани од овој орган.