![виршли](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2020/01/virshli.jpg?resize=640%2C426&ssl=1)
Македонија увезла лани речиси 9.000 тони или точно 8,9 милиони килограми машински обезкостено месо со кое домашни компании направиле виршли и т.н. „посебни“ салами. Законски увозот е дозволен иако во Европската Унија регулативата за употреба на оваа суровина е поригорозна, пишува „Фактор“. Од Агенцијата за храна и ветеринарство велат дека редовно земаат мостри за лабораториско испитување при увоз или при сомнеж, но дека вршат и инспекциски контроли на готови производи.
„Согласно законските и подзаконските акти не постојат пречки за увоз на машински обескостено месо (МОМ) кое се користи исклучиво во производството на полутрајни производи ( најмногу виршли и посебни салами). Мостри за лабораториско испитување при увоз се врши согласно Годишниот мониторинг план за мострирање или при сомнеж, а контроли и лабораториски испитувања се вршат и во согласност со Годишниот план за вршење на инспекциски контроли, во рамки на кој се земаат мостри и се врши лабораториско испитување на готови производи каде МОМ се користи како суровина за производство, велат од Агенцијата за храна и ветеринарство.
Колку виршли и посебни салами се јадат во Македонија, покажува и податокот за увозот на ова месо во Македонија. Според податоците од Агенцијата лани најмногу вакво месо сме увезле од Грција и тоа над три илјади тони, следува Романија со 1,5 илјади тони, па Италија со 1,2 тони. Од Полска се увезени 1,1 илјади тони, а се увезува и од Босна и Херцеговина, Канада, Унгарија, Бугарија, Словенија и други.
„Фактор“ праша и кои се фирмите увозници, но од Агенцијата со краток одговор без детали.
„ Агенцијата за храна и ветеринарство води детална евиденција за увезените количини, земјите на потекло и операторите со храна кои го реализираат увозот, велат оттаму.
Увоз на МОМ во 2019 година
Земја на потекло/ Количина (кг.) ГРЦИЈА 3.128.148, РОМАНИЈА 1.509.938, ИТАЛИЈА 1.234.590, ПОЛСКА 1.151.906, Б.И ХЕРЦЕГОВИНА 752.052, КАНАДА 298.681, УНГАРИЈА 27.055, БУГАРИЈА 124.320, СЛОВЕНИЈА 97.380, ГЕРМАНИЈА 97.126, ДАНСКА 84.020, ХОЛАНДИЈА 75.720, БЕЛГИЈА 28.028, ЧЕШКА РЕПУБЛИКА 14.000, ХРВАТСКА 2.760.
ВКУПНО
8.825.724
„Фактор“ пишува дека механички одвоено месо е производ кој што е добиен по обескоскувањето, со одвојување на месото од коските, или од трупови на живината, со помош на механички средства кои резултираат со губење или модификација на мускулната фибрилна структура. Во Србија во моментот се прави нов правилник за квалитет на месото со кои надлежните очекуваат да се зголеми квалитетот и на виршлите и на саламите.