Општина Струга забранува шетање во костими за капење низ централното градско подрачје.
Преку официјалната фесјбук страница ги замолуваат гостите и туристите, кои се разладуваат во водите на Охридското езеро или Црн Дрим, да ги почитуваат правилата на доброто однесување и на јавниот ред, со непокажување голотија на јавни места и простори.
„Заради почитување на јавниот ред, особено за време на летната туристичка сезона, низ централното шеталиште, од Чаршискиот мост до Зелениот пазар, се забранува шетање во бикини и гаќички за плажа во текот на целиот ден“, стои во информацијата на Општина Струга.
За таа цел во централното градско подрачје, односно зоната во која е забрането движење во костими за капење поставени се соодветни знаци.
„Вашето однесување е слика за градот, затоа сите заедно треба да се обидеме да ја зачуваме позитивната слика на една туристичка дестинација како што е Струга“, порачуваат од Општината.