Заев бара ЕУ да се врати на изворните принципи и порача дека сме подготвени за старт на преговорите

Очекувам Европската унија да се врати на изворните принципи и да покаже поголема грижа и внимание за процесите за проширување за да биде потврдена силата на привлечност за членство во ЕУ, и за да се елиминира интересот на трети страни во регионот. Ние веруваме во идејата на ЕУ, и ќе останеме посветени на тој пат.

Такви пораки упати денеска премиерот Зоран Заев на дебатата „Северна Македонија: Европски перспективи и зајакнување на домашните реформи за социјална еднаквост“, што се одржа во организација на Институтот „Карл Ренер“ и Фондацијата „Фридрих Еберт“ во Виена.

– За Република Северна Македонија нема алтернатива за интеграцијата во ЕУ и НАТО. Ние го искористивме нашето време во „чекалната“ и денес сме подготвени и политички и институционално за старт на преговорите за членство во ЕУ. Ја разбираме Франција, но сметаме дека проширувањето може да оди паралелно со дебатата за новата методологија за членство во ЕУ, рекол Заев, соопшти владината прес-служба.