Премиерот Зоран Заев рече дека претстојниот НАТО самит и имплементацијата на Преспанскиот договор секако ќе бидат дел од темите на кои ќе разговара денеска во Солун со Киријакос Мицотакис, иако станува збор за учество на економски форум.
– На форумот во Солун очекувам да разговараме за економски теми, но секако ќе поразговараме и за европската агенда. Јас сум благодарен што Грција е директно и позитивно вклучена во унапредувањето на нашата европска агенда. Ќе разговараме за претстојниот НАТО самит, но и за имплементацијата на Преспанскиот договор – изјави Заев по отворањето на Македонско-рускиот бизнис форум.
На новинарско прашање дали ако не добиеме датум за почеток на преговорите со ЕУ, Кина и Русија може да бидат опција, Заев потенцира дека единствена алтернатива за земјава се ЕУ и НАТО.
Премиерот беше дециден дека реактивирањето на Мешовитата меѓувладина комисија со Русија не значи никаков наводен одговор кон ЕУ, туку единствено заложба за интензивирање на економската соработка.
– Ова не е никаква порака. Работиме на подигнување на нашиот стандард. Треба да правиме се што носи бенефит за нашиот народ. Верувам дека аспирациите на земјава ќе се исполнат, но и дека паралелно ќе постигнеме економски просперитет – подвлече Заев.