Заев нема да присуствува на инаугурацијата на Пендаровски!?

В недела избраниот претседател Стево Пендаровски треба да ја преземе функцијата како петти шеф на државата. Според најавите, точно напладне во Собранието е закажана свечена седница на која што Пендаровски ќе даде заклетва како нов претседател. На седницата поканете се голем број гости, покани се испратени и до претставници на дипломатскиот кор, меѓународни организации и од странство.

Свеченото преземање на должност ќе се случува во претседателската резиденција Вила Водно каде се очекува да присуствуваат и високи гости како генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, високата претставничка на Европската Комисија за надворешна политика, Федерика Могерини, еврокомесарот за проширување, Јоханес Хан. Своето присуство веќе го потврдиле претседателите на Бугарија, Албанија и Косово, заменик премиерот на Турција, а ќе присуствува и висока државна делегација од Словенија на чело со претседателот Борут Пахор.

Сепак, останува неизвесно дали на свечената церемонија на преземање на Пендаровски највисоката функција во државата ќе присуствува и премиерот Зоран Заев.

Денеска од Владата информираа дека Заев во следните четири дена ќе користи слободни денови се до 14-ти мај поради приватни причини. Прашани дали в недела Заев и покрај одморот ќе одвои време да присуствува на инаугурацијата на Пендаровски од Владата одговараат дека повеќе информации од веќе објавеното немаат.

Во јавноста можност Заев да не присуствува на церемонијата се толкува како непочитување на функцијата претседател на Република Македонија.