Заев под притисок за предвремени избори, ќе попушти ли?

Предвремени избори повеќе не се избор, туку неопходност. Легитимитетот на владата на Заев е нарушен доколку одлука да и’ се одреди датум за преговори на Македонија на самитот во Брисел изостане, на ваков став се дел од политичките аналитичари во земјава.

Политичките аналитичари велат предвремени избори ќе има, а од одлуката за датум ќе зависи дали ќе бидат подоцна или порано.

„Мислам дека ако има датум е поверојатно дека ќе има предвремени избори бидејќи ќе им одговара повеќе на владејачката коалиција. Но, и доколку нема мислам дека притисокот од опозицијата ќе биде преголем за да се одлага тоа и мислам дека и на еден и на друг начин не чекаат нетолку предвремени март или мај веројатно, а не октомври кога редовно би требало да се одржат“, вели Александар Кржаловски од Македонскиот центар за меѓународна соработка.

За поранешниот потпретседател на СДСМ, Гордан Георгиев немањето одлука за датум ќе значи значително зголемување на поделеноста во македонското општество. Според него, изборите не би промениле многу туку потребно е политичките лидери да седнат на маса и да го договорот идниот курс на земјата и дали таа ќе остане на патот кон Европската Унија или ќе бара алтернатива.

„Да се седнат на маса да кажат ова е тоа, ова ситуацијата, ова е позицијата на Унијата, влегуваме во НАТО за некој месец дај да видиме што правиме можеме здружено во некаква ситуација да се договориме како ќе тераме понатаму оваа година или следната. Помалку релевантно е дали ќе го прозиваат Заев за оставка или за предвремени избори бидејќи и да има избори што би промениле, кој и да победи“, вели Георгиев.

Најверојатно свесен дека сите ветувања кон граѓаните во однос на евроинтеграциите остануваат неисполнети и самиот Заев вчера предупреди дека доколку нема датум Владата ќе падне. Но, неговите сопартијци за дел од медиумите брифираат дека премиерот блефирал и дека останува на ставот дека оставка и предвремени избори нема да има без разлика на одлуката на европските лидери. Во СДСМ сметаат дека и покрај неуспехот во евроинтеграциите Владата треба докрај да го изработи мандатот и да ги спроведе проектите од својата програма во економскиот дел.

Но, од друга страна опозициските партии не демонстрираат разбирање за позициите на власта. Лидерите на опозициските партии и во македонскиот и албанскиот блок се децидни дека Заев повеќе нема легитимитет да владее и дека на граѓаните мора да им се даде можност да го искажат ставот на избори.

„Се што е надвор од тоа да биде чист датум за преговори ќе биде голем неуспех за оваа Влада и политиките на Зоран Заев и коалицијата што ја предводи. ВМРО-ДПМНЕ апелира за добивање чист датум за преговри. Во спротивно очекуваме формирање техничка влада и одржување предвремени парламентарни избори“, рече Мицкоски синоќа.

На предвремени избори повикаа и претседателот на Алијанса за Албанците и на Движењето БЕСА, Зијадин Села и Билал Касами.