![zaev-povtorno-se-premisli-aktivnostite-kje-se-intenziviraat-ama-naesen Заев повторно се премисли: Активностите ќе се интензивираат, ама наесен](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/07/zaev-povtorno-se-premisli-aktivnostite-kje-se-intenziviraat-ama-naesen.jpg?resize=640%2C400&ssl=1)
Лидерот на СДСМ, Зоран Заев повторно успеа да го надмине својот рекорд на менување на одлуките и ставовите. Ако лидерот на социјал-демократите вчера на прес – конференција најави интензивирање на активностите, денес повторно се предомисли, па настапи со нова изјава во која најави дека интензивирање ќе има, ама со доаѓањето на есента.
– Ќе продолжиме интензивно да дејствуваме, користејќи ги сите средства што ни стојат на располагање, до конечен пад на овој режим. Проектот Вистината за Македонија ќе продолжи, најави на вчерашната прес – конференција Зоран Заев.
Денес, откако не поминаа ниту 24 часа од прес-конференцијата, Заев во изјава за „Капитал“ го преформулира вчерашниот став и најави дека активностите ќе се интензивираат ама со доаѓањето на есента.
– Ќе дејствуваме летово со сите демократски средства, ќе објавуваме нови материјали од проектот „Вистината за Македонија“, а со доаѓањето на есента очекуваме сето тоа целосно да се интензивира, вели претседателот на СДСМ, Зоран Заев, во изјава за „Капитал“.
Инаку, во рамки на вчерашната прес-конференција Заев досегашните преговори ги оцени како неуспешни, и по втор пат се откажа од договореното на лидерската средба од 2-ри јуни, иако претходно, во рамки на средбата во Пржино, самиот се потпиша и ги прифати условите на договорот.
Од друга страна пак, претставниците на меѓународната заедница во текот на вчерашниот и денешниот ден во неколку наврати настапија со изјави дека партиите треба да се држат до договорот од 2-ри јуни, да се направи компромис и конечно државните интереси да се стават пред личните или партиските интереси.
![Коцијанчич: Договорот од 2-ри јуни нуди основа, партиите да најдат компромис](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2015/06/Maja-Kocijan-i-2.jpg?resize=618%2C392)
Ваквите изјави на Заев следуваат по објавувањето на резултатите на анкетата на Меѓународниот републикански институт ИРИ, според коишто ВМРО-ДПМНЕ има повеќе од двојна предност пред СДСМ и со кои што недвосмислено се докажа дека народот не ги поддржува деструктивните и уценувачки политики на СДСМ и Заев.