Заев преспа и ја смени изјавата: Промената на имињата на училиштата е согласно Законот

Една изјава за легнување друга за станување на лидерот на СДСМ Зоран Заев откако вчера рече дека промената на имињата на училиштата е спротивно од Законот, денеска на својот профил на Фејсбук напиша дека по темелна анализа и консултација со правни тимови, констатирано е дека немало потреба од Бадентер и дека промената е согласно законот.

„Вчера и денеска ги проверивме сите аспекти од постапката на носење на имињата на основните училишта во Чаир.

По темелна анализа, правни тимови констатираа и ме информираа дека промената на имињата е согласно членот 26 од Законот за основно образование. Откако училишниот одбор донел одлука за измена на Статутот на училиштето со што се променува името на училиштето и се додава уставното име на државата, истата била потврдена и од страна на Советот на Општина Чаир. Баденетерово мнозинство не било неопходно.

Одговорноста пред граѓаните подразбира и темелна проверка на фактите и спречување на какви било обиди за политичко поентирање врз база на меѓуетничките односи во нашата земја.

Одговорно е да се водиме од словото на законот, нема и не смее да има простор за ширење национализам и поделби.

СДСМ е партија предводник на концептот едно општество за сите која се води исклучиво од словото на законот.“, напиша Заев.

Истиот Заев вчера велеше дека промената на имињата на двете училишта во Оопштина Чаир е спроведена низ незаконска постапка.

„Централниот регистар мора да ја коригира веднаш затоа што не постои одлука на Советот на Општина Чаир. Со записник на некој си училишен одбор, надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да си постапат со закон“, рече Заев.

Од друга страна, министерот за образование Арбр Адеми на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, напиша дека ги потпишал потребни акти двете училишта во Општина Чаир да се преименуваат. Според записот од Централен регистар кој го објави Адеми училиштето Никола Вапцаров сега се вика Имри Елези, а Рајко Жинзифов е преименувано во Исмаил Ќемали.

Во 2012 година општина Чаир постави и табли со новите имиња на училиштата, но тогаш Министерството за образование и наука не даде согласност за преименување.

Заев вчера на новинарски коментар дека Советот на Општина Чаир веќе во 2012 година одлучил за преименувањето, побара да се провери документацијата.

„Да ја проверите точно документацијата, оти советот во оваа постапка, како што е предвидена сега, затоа што ова е постапка која е сега тргната, треба да биде комплетирана согласно прописите јасно пропишани во законот“, рече Заев.