Северна Македонија нема да преговара за македонскиот јазик и идентитет со Бугарија, ниту ќе прифати овие прашања да бидат дел од рамката за преговори што Европската унија мора да ја подготви за земјата. Ова беше пораката што премиерот, Зоран Заев ја пренесе во Брисел. Заев рече дека бугарската техничка влада може да биде можност за решавање на билатералниот спор, но дека и бугарската страна треба да биде подготвена за такво нешто.
„Подготвени сме за преговори, веруваме дека ни треба уште еден напор во наредниот период, но нашите колеги во Бугарија и сите во ЕУ треба да знаат дека нема да зборуваме ниту за нашиот идентитет ниту, пак, преговараме и дека сите обиди тоа да се стави во рамки на преговорите ќе бидат отфрлени од страна на Северна Македонија”, порачува премиерот Заев.
Комесарот за проширување Оливер Вархеј рече дека ЕК ја поздравува секоја идеја за деблокирање на преговорите со земјата и дека е посветена на започнување на овие преговори за време на португалското претседателство со ЕУ.
„ЕУ е посветена на Западен „Балкан. Денес, по 2 и пол години во Советот на министри за надворешни работи на земјите-членки на ЕУ, се одвива стратешка дебата за Западен Балкан и деблокирањето на европскиот пат на Северна Македонија е приоритет број 1. Брисел вложува максимални напори и ја поддржува секоја идеја за решение, со цел да се деблокира овој процес“, рече Вархеј.
Во меѓувреме, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен рече дека е посветена Скопје и на Тирана да започнат преговори во пакет.
“ЕК дополнително ќе ги продлабочи своите заложби и суштинската определба, бидејќи ова е многу важен процес што не смее да го одложи почетокот на преговорите за членство со Северна Македонија. Двете земји, Северна Македонија и Албанија, заеднички да започнат преговори, без понатамошно одложување“, рече Урсула фон дер Лајен, претседател на Европската комисија.
Заев, заедно со вицепремиерот Димитров и министерот Османи, освен во Брисел, ќе имаат средби и во Мадрид и Атина.
Фото: МИА