Закани за поставени бомби во автобуси на туристичка агенција во Битола

Жител на ресенско е кривично пријавен поради тоа што преку социјалните мрежи објавил информации и закани дека во возила на битолска туристичка агенција со кои се превезувале работници се поставени експлозивни направи кои ќе се активираат пред фабриката, соопшти министерството за внатрешни работи.

Отсекот за компјутерски криминал при СВР Битола поднесе кривична пријава против 45-годишниот З.И. од селото Горно Крушје, ресенско, поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „загрозување на сигурноста”, казниво по член 144 став 4 од Кривичниот законик.

На 28-ми јуни околу 16:40 часот пријавениот креирал лажен профил на социјалната мрежа „фејсбук“ од кој, на официјален фејсбук-профил на туристичка агенција од Битола, која е овластен превозник на вработени во фирма во Битола, испратил порака со заканувачка содржина дека на комбињата и автобусите има поставени бомби кои ќе се активираат кога ќе пристигнат пред фабриката, заедно со вработените во агенцијата.

После неколку минути, истата порака ја поставил на фејсбук профилот на агенцијата. Слични пораки со заканувачка содржина, од лажно креирани профили, пријавениот повеќе пати им испраќал и на одговорни лица во фирмата каде претходно работел, а во знак на револт за добиениот отказ.