Указот за Законот за амнестија којшто пред два дена беше изгласан во парламентот се уште не е потпишан од претседателот Ѓорѓе Иванов.
Од неговиот кабинет засега нема информации кога може да се очекува шефот на државата да го потпише указот. Според законските норми, претседателот на државата има рок од седум дена да го потпише указот за закон којшто бил изгласан во Собранието или пак да го извести парламентот дека нема да го потпише.
За Законот да стапи на сила неопходно е указот да биде потпишан од претседателот на државата и од претседателот на Собранието. Потоа се испраќа во Службен весник по што стапува на сила.
Законот за амнестија предвидува дека откако ќе стапи на сила обвинетите за 27-ми април кои ги исполнуваат условите имаат рок од пет дена за да поднесат барање за амнестија. Инаку, дел од правните експерти и професори по казнено право велат дека законското решение ќе им последици како по владеењето на правото, така и по практикувањето на политика во Македонија.
За професорот од Правниот факултет, Гордан Калајџиев законот за амнестија потврдува дека политиката и натаму се меша во правосудството.
„Јас се надевав дека ќе дојде време кога ќе му се даде малку повеќе вредност на правото и на правната држава, во смисла политичарите да ги тргнат рацете од казненото правосудство и од судството во целина, но очигледно дека приликите се уште се такви какви што се. Политичките елити едноставно уште го немаат достигнато тоа ниво на политичка култура да успеат да се воздржат и наспроти ветувањата кои што ни ги даваа. Впрочем, претходната власт падна меѓу другото на тој бран на незадоволство од начинот на кој што се практикува владеење на правото, односно владеење на една политичка автократија. Борбата на невладиниот сектор и на сите ескперти што се бориме за правната држава со политичарите очигледно ќе продолжи на подолг рок додека и самото општество не созрее со степенот на политичка и правна култура да не дозволуваат вакви излети каков што е овој последниот со амнестијата, кој да не речам, не е многу подобар од оној со амнестијата и помилувањето на Ѓорге Иванов“, вели професорот Калајџиев.
Законот ќе се најде и пред Уставен суд. Пратеникот на Алијанса за Албанците, Сурија Рушиди вели дека тие се против ваков закон кон не е ист кон сите односно на членот на собраниското обезбедување кој му помогнал на Зијадин Села сега е обвинет за собраниските настани и оставен без можност за амнестија.
„Законот е селективен. Се знаат причините зошто е донесен законот и ние апсолутно не сме за тоа па дури цената да е интеграција на земјава во ЕУ. Мислам дека таму се оди со поинакви вредности. Апсурдноста е дека има еден обвинет меѓу тие 33 кој е најсветлата точка бидејќи тој спаси живот на пратеник“, вели Рушиди.
Законот за амнестија го подготви телото за помирување, кое беше формирано по договор меѓу премиерот Зоран Заев и пратениците од ВМРО ДПМНЕ и коалицијата, кои пак со своите гласови обезбедија двотретинско мнозинство за почеток на процесот за измена на Уставот согласно договорот од Преспа за промена на името на државата.
Како што е познато, четворица од овие пратеници се обвинети во случајот „27-ми април“ за кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и државата“ за што е предвидена највисока затворска казна – доживотен затвор.