Започна Европското првенство во кајак слалом за јуниори и сениори

Вчеравечер, на Плоштадот „Филип Втори“, официјално беше отворено Европското првенство во кајак слалом за јуниори и сениори до 23 години-СКОПЈЕ 2014, чијшто домаќин е Кајакарската федерација на Македонија, а коешто од денеска 03 до 06 јули (недела), ќе се одржува на кајак патеката во Спортско рекреативниот центар Матка. На отворањето на Европското првенство присуствуваше и градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски.

„ Љубителите на овој атрактивен спорт и овојпат ќе можат да уживаат во умешноста и виртуозноста на околу 400 пријавени кајакари и кајакарки од 30 европски држави, на прекрасната патека во нашиот Спортско рекреативен центар Матка. Скопјаните веќе имаат истенчен и рафиниран вкус за силни кајакарски натпревари, бидејќи се домаќини на една од најстарите спортски манифестации во Македонија, традиционалниот меѓународен Илинденски кајакарски натпревар ИКАС, кој на патеката во Матка се одржува веќе триесетина години. Се надевам дека еден дел од јуниорите и јуниорките кои овие три дена ќе се натпреваруваат на Европското првенство, наредниве години ќе се пријават и на ИКАС и дека од нив ќе излезат нови изградени спортисти, нови шампиони,“ рече градоначалникот Трајановски.

Официјалните тренинзи на гостинските реперзентации почнаа на 28 јуни и траеја до 2 јули, а од денеска до 6 јули (недела) кога и официјално ќе им бидат доделени наградите на најдобрите, натпреварите ќе почнуваат во 9 часот, а ќе завршуваат помеѓу 17 и 18 часот.

Натпреварите во машка конкуренција се распоредени во три категории К1, Ц1 и Ц2 додека во женска конкуренција во две категории К1 и Ц1. На Европското првенство ќе учествуваат вкупно 400 натпреварувачи од околу 30 земји, а македонската репрезентација има 7 натпреварувачи, меѓу кој шест мажи и едно девојче.

Директорот на Агенцијата за млади и спорт, Марјан Спасески, им пожела добредојде на сите учесници на ова Европско првенство и посочи дека овој спортски настан, Република Македонија и Скопје, ги сместува на мапата на држави и градови организатори и домаќини на светски спортски настани.

Позначајни спортисти-кајкари кои се дел од ова Европско првенство се Прскавец(Чешка)  – актуелен Европски шампион, Брус Симон (Словенија) –Европски јуниорски првак во 2011 година, Џовани де Џенаро (Италија)  третопласиран на ЕП и СП во 2013 год., Лука Бозиц (Словенија) третопласиран на Светскиот куп, второ коло во 2014 год. На годинешново Европско првенство во кајак слалом за јуниори и сениори до 23 години, наредните  четири денови ќе се натпреваруваат кајакари од: Шведска, Полска, Белорусија, Хрватска, Бугарија, Грција, Литванија, Летонија, Русија, Македонија и многу други.

На вчерашниот настан на официјалното отворање на ова Европско првенство во кајак, присутен беше и претседателот на Европската кајак федерација, Алберт Вудс, којшто ја искористи можноста да им се заблагодари на сите спортисти, тренери, судии, спортски работници, тимови и екипи, за нивното учество во ова првенство и им пожела  фер-плеј и добри резултати, а на крајот да победат најдобрите.