![zagaden grad](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/10/zagaden-grad.jpg?resize=657%2C375&ssl=1)
Вонредни и засилени инспекциски надзори на поголемите индустриски капацитети односно на загадувачката индустрија во земјава, најавуваат од Државниот инспекторат по животна средина. Оттаму велат дека загадувањето на воздухот и понатаму останува сериозен проблем во државата и оти борбата за чист воздух ќе биде долг процес во наредните пет до 10 години.
„Воведуваме нова т.н. паметна алатка за паметни инспекциски надзори. Во однос да ги оптимизираме човечките ресурси и капацитети со кои располагаме. Таа е методологија за проценка на ризици и врз основа на таа методологија се гледа и на централно и на локално ниво кои индустрии се во еден плански регион. Ако се за Скопје воздухот и отпадот, надзорите 100% ќе бидат пофрекфентни во тие две области“, изјави Дарко Блинков-Државен инспекторат за животна средина.
Блинков очекува дека дека загадувањето ќе биде присутно и оваа зима. Главните загадувачи се следниве:
„На прво место се индивидуалните ложишта, а на второ се сообраќајот и градежните зафати и активности и дури потоа доаѓа индустријата. Сообраќајот и старите возила испуштаат азотни оксиди, а пи-ем честичките доаѓаат од индивидуалните ложишта и градежните зафати“, додава Блинков.
„Факт е дека се соочуваме со огромен предизвик. Тоа е проблем кој го има целиот свет, но не можеме да ги затвориме очите пред фактот дека ние во нашата држава има неколку градови кои имаат енормна загаденост. Владата презема мерки, но треба да се вклучат сите чинители и да преземат активности“, изјави Дејан Павлески-заменик министер за локална самоуправа.
Инаку Охрид е првиот град во Македонија каде преку нови методи ќе се мери квалитетот на воздухот. И покрај тоа што овде загаденста е далеку помала од некои други градови, на 11 локации се поставуваат сензори за следење на еколошките параметри на воздухот кој го дишат охриѓани. Во исто време, на 15 домови каде греењето е на цврсти горива, ќе се постават филтри.
Според извештајот на Европската агенција за животна средина објавен во 2018 година, во Македонија околу 3.000 смртни случаи годишно се припишуваат на загадувањето на воздухот.