Зеленски планира да го посети Вашингтон по Генералното собрание на ОН

Украинскиот претседател Володимир Зеленски планира да го посети Вашингтон по обраќањето на Генералното собрание на Обединетите нации во Њујорк следната седмица, според извештаите на американските медиуми во четвртокот.

Средба со американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа и разговори со членовите на Конгресот во Капитол се планирани за следната недела, објавија американскиот весник The Washington Post, агенцијата Bloomberg News и телевизијата CNN, повикувајќи се на владини извори.

Засега нема официјална потврда за датумот на посетата. Исто така, остануа нејасно дали Зеленски ќе се обрати во Конгресот како во декември 2022 година.

Според извори на политичкиот сајт Punchbowl News, неговото патување во Вашингтон е планирано за следниот четврток.

За време на посетата, се очекува украинскиот претседател да побара континуирана поддршка за неговата земја во војната против Русија. Бајден моментално лобира кај своите колеги демократи за повеќе од 20 милијарди долари дополнителна воена, економска и хуманитарна помош.

Во американскиот Сенат, од почетокот на војната, Украина доби широка поддршка од двете страни. Но, критиките за континуираните плаќања за помош се зголемија неодамна во Претставничкиот дом, контролиран од  републиканците.

Зеленски последен пат го посети Вашингтон во декември 2022 година. Потоа се состана со Бајден и се обрати во двата дома на Конгресот во Капитол. САД ѝ даваат на Украина повеќе воена помош од кој било друг сојузник за одбрана од руската инвазија.