![zem-otres-lefkada](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2022/08/zem-otres-lefkada.jpg?resize=518%2C498&ssl=1)
Земјотрес со јачина од 4,3 степени според Рихтеровата скала го погоди островот Лефкада во Грција во вторникот наутро. Засега нема информации за штети и повредени.
Епицентарот на земјотресот бил во морето, на 16,5 километри од градот Василики, соопшти Националната опсерваторија од Атина.
Претходно Европскиот медитерански сеизмолошки центар (EMSC) соопшти дека епицентарот бил многу плиток, на само два километри, со јачина од 5,2 степени.
Засега нема извештаи за повредени или евентуална материјална штета на Лефкада и другите острови во Јонското Море.
Според прелиминарните сеизмички податоци, земјотресот најверојатно го почувствувале мал број луѓе во областа во близина на епицентарот. Научниците велат дека таков земјотрес не треба да предизвика поголема штета од паѓање на предмети и евентуално кршење на прозорци.
Островот Лефкада се наоѓа во сеизмичка зона и земјотресите не се невообичаена појава. Земјотресот со јачина од 6,1 степени според Рихтеровата скала од 2015 година предизвикал големи штети на островот, а во таа прилика животот го загубиле две лица.
Земјотресите постојано ја уништуваа познатата плажа Егремни, која важи за една од најубавите во Грција.