Земјотрес во Јувентус – цело раководство си поднесе оставка

Претседателот на Јувентус, Андреа Ањели заедно со Павел Недвед и сите останати од бордот на директорот, вечерва си поднесоа оставки и нема да бидат веќе дел од клубот.

Во ек на Светското првенство се случува вистински земјотрес во Јувентус, оставки поднесоа Андреа Ањели, потпретседателот Павел Недвед, генералниот извршен директор Маурицио Аривабене и сите останатите директори од бордот.
Ваквиот изненадувачки потег за јавноста е резултат на истрагата „Призма“ и процесот кој обвинителството од Торино го покрена против Јувентус.
Спорни се финансиските извештаи од последните три години и постои сомнеж дека е направена измама од преку 200 милиони евра со помош на фиктивни капитални добивки и измами со платите.
Зад целата афера се тајните документи кои клубот ги потпишал со Кристијано Роналдо во времето на пандемијата на коронавирусот. Според нив, Јувентус на својот тогашен напаѓач му ветил исплата од 19.9 милиони евра, што според обвинителството, не е наведено во финансискиот извештај на клубот.

Спомнатиот износ Јувентус ветил дека ќе го исплати на Роналдо, дури и ако клубот го напушти пред крајот на договорената соработка, што португалскиот напаѓач и го направи со заминувањето во Манчестер јунајтед. Јувентус во време на пандемијата најави големо намалување на платите, а потоа потврди дека поради финансиски проблеми на играчите им скратил од претходно договорените примања.

Но, обвинителството се обидува да докаже дека тоа не е точно, и дека постојат неприкажани документи меѓу клубот и играчите, односно дека сметките на клубот се фалсификувани, и тоа за 2019, 2020 и 2021 година. Пронајден е токму таков документ кој Роналдо го потпишал со тимот од Торино. Претходно, наводно, Роналдо одбил да даде изјава за обвинителството кога го прашале за спорните документи.