ВМРО ДПМНЕ претрпе уште еден во низата политички порази. Ми се чини излишно е да предупредам дека партијата се соочува со најтешката криза во својата историја, со мали шанси да се врати во власта. И тоа во услови на најслаба и најконтраверзна власт што ја имала Македонија по осамостојувањето. Она што сериозно загрижува е сомнежот што се раѓа меѓу поддржувачите на партијата дека партијата може да победи на изборите во блиска иднина.
Се прашувам како оваа партија не успеа по сите промашувања на власта во последниве години, да се наметне како политичка алтернатива што ќе понуди излезни политики и нов политички наратив во Република Македонија. Наместо да се прикаже како компетентна политичка алтернатива на погубната власт за Македонија, оваа партија не успева да се позиционира ефективно како опозиција. За оваа партија секој обид за враќање на моќта ќе зависи од можноста ефикасно да ја изврши оваа улога. Таа е секако една од најтешките улоги на опозицијата: одговорност без моќ. Токму таму каде оваа партија потфрли и е нејнеубедлива сиве години на опозициско делување.
На партија која својата политичка борба ја градеше низ опозицискиот фронт како да и недостасува искуство да биде ефективна опозиција. Можеби долгото практицирање на власта ги отупе сетилата за делување во опозиција. Како да се заборавија деведесетите и низ што се помина оваа партија како опозиција. Сега делува изгубено и уплашено во ново наметната улога, не обезбедувајќи јасно чувство за нејзината цел во политиката, премногу често дозволувајќи им на политичките противници да ја дефинираат наместо неа.
Задачата на официјалната опозиција е да се спротивстави на владините политики и да се обиде да го канализира народното незадоволство од истите. Се чини дека примарна опасност во која влета оваа партија беше нејасниот концепт како да се делува опозициски, задоволувајќи се да скока опортунистички на секој проблем на владата. Со соопштенија. Можеби за кратко ваквото „прес опозициско делување“ и создава непријатности на владата на социјал демократите, но кога ваквите напади нема да бидат прикачени на поширокиот наратив за редефинирање на политиките за областите што треба да бидат приоритетни и заштитени, тие не можат да дадат резултати на долг рок. Ниту пак успеваат да ја нарушат сликата за владеачката партија како про европска и про реформска. Што објективно не била и не може да биде.
Дополнителен проблем е што на овој начин ВМРО – ДППМНЕ почна да ги меша тактиките на политичкото дејствување со стратегијата и да брка медиумски наслови, без реално да оствари поместувања во политиката. Опозиција треба да биде, како што би рекол Черчил, светилник, а не излог. Токму она во што се претвори најголемата опозициска партија низ тактиката на партиски соопштенија. Поради ова ВМРО не успева да се наметне како веродостојна алтернативна влада. Препознатливо лице и глас на луѓето во земјата. Наместо супериорност во политичката понуда и дебата, понуди дефанзива. Дефанзива која го умртви политичкото делување и ангажманот на членството.
Македонија во ВМРО гледаше ново лидерство за радикален пресврт. Зашто политичката реалност во која не втурна власта на социјал демократите веќе не можеше да се шминка. Бараше јасна идеолошка обоеност на новото лидерство. Граѓаните сакаа да се потпрат на идеологијата во нивната калкулација за одлуките што ќе ги носат во политиката. Им се смачи од лутањата во идеолошкиот лавиринт на политиката. Кои се обидоа да ни го наметнат идеолошките хермафродити во македонската политиката. Затоа очекував и се надевав дека ВМРО ќе го промени ова. Очигледно не успева. Полека станува идеолошки бездомник во идеолошкиот обезличен политички простор, каде друг полека и го зазема местото.
Се чини дека ВМРО – ДПМНЕ во моментов се соочува и со криза во лидерството. Без оглед дали е наметнато одвнатре или однадвор, особено е тешко да се одржи во услови на последователни политички порази. Отчетноста е клучна за ефективното политичко лидерство, бидејќи без ова лидерството ќе ја изгуби почитта од следбениците. Затоа добар политички лидер е оној што ќе биде искрен и одговорен за своите постапки и одлуки и кој е подготвен да признае кога направил грешка. Кој е спремен да се соочи со членството заради кредибилитетот на своето лидерство. Затоа не би ја отфрлил иницијативата за вонреден конгрес на партијата на кој или ќе се зајакне харизмата и интегритет на постојниот лидер, или партијата ќе избере поинаков тек на своето опозициско делување. Искуството во политиката учи дека избегнување на тешки внатрешни прашања може долгорочно да биде контрапродуктивно.
Но, решението за обновеното или ново лидерство во партијата мора да биде брзо за да не се дозволат понатомошни делења во ВМРО и можност за манипулација со волјата на членството. Зашто ако партијата не одолее на различните искушенија и мамки на политичката арена лесно може да биде маргинализирана. А тоа верувам го посакуваат многумина во политиката во Македонија. Да време е за тешки (а можеби и непопуларни) одлуки. Но затоа е лидерството. Ми се чини дека на овој лидер на ВМРО – ДПМНЕ не му недостасуваат некои од најважните лидерски квалитети, како што се храброст, интегритет и отчетност за поголемо добро на партијата. Доста беше дефанзива. Време е да се поведе партијата. Во вистинска опозициска борба со власта. Се друго ќе биде глумење политика во време на драматични промени и предизвици што стојат пред државата.
Се додека од ВМРО- ДПМНЕ не видиме да претстави алтернативна идеолошка визија и јасна и реална политичка стратегија за освојување на власта, се дотогаш ќе немаме силна опозиција. Соочени со влада чиј идеолошки проект е да ги замени уставните вредности на земјата со сопствена мешавина на феудални и авторитарни идеи, мора да постои бучен опозициски глас кој ќе се спротивстави на владата. Овој опозициски глас мора да биде ВМРО – ДПМНЕ и приврзаниците на политичката опозиција, но исто така и голем број на луѓе кои идеолошки се идентификуваат со разни нијанси на опозициско мислење, како и оние кои едноставно не се согласуваат со владата и со она што таа го прави. Време е да се излезе од политичката сенка на власта. Време е за решителна акција која ќе ја држи власта одговорна и под контрола и под секојдневен стрес од можна политичка промена. Која во услови на тенко парламентарно мнозинство е повеќе од реална.
Автор: професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес