Бугарија ќе ги избрише Македонците и македонскиот јазик, додека македонската влада и МНР се разбудат од зимскиот сон и одлучат да реагираат. Сите освен МНР го видоа меморандумот кој Бугарија го испрати до ЕУ, а со кој го условува членството на Македонија во унијата.
Македонската јавност за меморандумот дозна пред два дена откако тој беше официјално потврден од дописникот на Eуроњуз од Албанија, Ернест Бунгури. Во текот на вчерашниот ден медиумите веќе добија увид на шесте страници во кои Бугарија бара поддршка од ЕУ за нивната позиција по однос на историските прашања, како и прашањата за јазикот и малцинствата, во пресрет на одлуката за почнувањето на преговорите со Унијата.
Сепак МНР како најповикана институција во државата реши да го игнорира. Тие за медиумите накратко одговорија дека до нив нема стигнато документ и не знаеле дали е автентичен, па затоа и нема да го коментираат.
Неверојатно е како МНР се однесува како институција на трета земја и од страна ја гледа разврската на сите случувања. Уште поневеројатно е дека македонските дипломати и дописници „не го виделе“ овој меморандум кој го видоа сите медиуми дури и албанскиот дописник од Брисел.
Во тој меморандум кој МНР не го виделе, Бугарија како услов за членството на Македонија во ЕУ бара откажување на земјава од македонското малцинство во Бугарија, но и да прифати дека е македонскиот јазик е регионален дијалект на бугарскиот. Во него меѓу другото стои дека Македонците се проект на Тито создадени за поткопување на бугарскиот идентитет, односно дека Македонците и македонскиот јазик не постоеле се до 2 август 1944 година.
Бугарија таму исто така вели дека помеѓу 1944 и 1946 година во Македонија биле егзекутирани повеќе од 20.000 луѓе кои се идентификувале како Бугари и ја преставувале политичката и интелектуалната елита, односно дека повеќе од 100.000 Бугари биле убиени, затворени, пратени во егзил или во концентрациони кампови, и ред други барања кои никако да стигнат до МНР.
Како да се повторува сценариото од март годинава кога во заклучоците на Советот на ЕУ за преговорите со Македонија беше вметната Изјавата на бугарската делегација со која од Македонија се бара да се откаже од македонско малцинство, именувањето на народот како македонски и да се откаже од македонскиот јазик и да користи само т.н. „службен јазик“. И тогаш МНР криеше за постоењето на ова бугарско барање за кое македонските граѓани дознаа од медиумите и опозицијата откако Изјавата беше објавена на интернет страницата на австрискиот Парламент.
Бетонот се распаѓа како кула од карти, владата и МНР спијат и „ништо не гледаат“ додека Бугарија поставува неверојатни и неприфатливи услови за македонското членство во ЕУ со кое буквално се менува и фалсификува историјата, се брише македонскиот јазик и се доведува во прашање на македонскиот идентитет и постоење.