Македонија

Струмичани побараа оставка од градоначалникот Заев

Струмичани побараа оставка од градоначалникот Заев
Струмичани побараа оставка од градоначалникот Заев, фото: Струмица денес

Заев не е градоначалник на струмичани, туку само е лидер на неговата партија кој не обрнува ниту тронка внимание за градот Струмица и сака да ја втурне државата во пропаст. Ова денес беше потенцирано на прес конференција во кампот на незадоволните граѓани во Малиот градски парк во Струмица од страна на незадоволните струмичани кои побараа оставка од градоначалникот Зоран Заев.

Во име на незадоволните граѓани денес зборуваше Димитар Ангелов, пензионер од  Струмица.

– Заев треба да си замине од позицијата градоначалник и да се соочи со народот и да распишат нови локални избори. Суштински, Заев не е градоначалник на струмичани. Тој само е лидер на неговата партија. Тој не обрнува ни тронка внимание за градот Струмица и сака да ја турне државата во пропаст. Заев, наместо да бега, да држи пресови во Скопје и други градови нека дојде тука во Струмица, каде што ние граѓаните го плаќаме, рече Димитар Ангелов.

Тој додаде дека Заев треба да објасни зошто ни едно ветување не е исполнето.

– Зошто, праша, ветувањата за нови канализации, нови водоводни системи, нови плоштади, нови улични осветлувања, ништо не е исполнето. Зошто Струмица е напуштена и единствена општина без градоначалник?

Како што додаде Зоран Заев е човек без образ и кредибилитет и има изгубено контакт со реалноста.

– Со барањето мито од 200.000 евра тој остана без образ и кредибилитет. Со криминалните тендери се докажа дека е нечесен. Со своето неработење и лажните ветувања, покажа дека не заслужува да биде градоначалник. Доста е. Ние граѓаните протестираме три месеци, секој ден, а тој не се ни огласи во јавноста. Во желбата за политички интерес, профит, тој престана да биде градоначалник. Време е да си замине. Колку побрзо, толку подобро. Време е да се соочи со народот на изборите, рече Димитар Ангелов.