Во акција на македонската полиција, вчера беше сузбиена улична криминална група која дилала дрога на улиците во Скопје. Сеад Рахиќ-Сетко, еден од уапсените дилери е брат на Есад Рахиќ – Еско, поранешен партеник од СДСМ, кој важи за особено близок до Зоран Заев и раководството на партијата, објавија медиумите.
Припадници на МВР на овој случај работеле подолго време, и во текот на истрагата утврдиле дека голем број познати личности од градот се „налепиле“ кај Сетко.
Извори блиски до истрагата за „Нетпрес“ информираат дека клиентела на Сетко му биле познати лица од естрадата, сопственици на познати кафулиња и поимотни лица од Скопје. Начинот на работа бил едноставен. Одржувал лични контакти со своите муштерии, се нарачувала количина, а кокаинот го испорачувал лично тој, но понекогаш и преку останатите членови од групата. Се одело на лице место каде што барал нарачателот.
Полициски извори велат дека Сетко се чувствувал многу сигурно затоа што имал контакти и со поранешен командант на единицата „Алфи“, но и поранешни службени лица во секторот НТШ во МВР. Имал клиенти и меѓу полицијата.
Извори од истрагата велат дека ќе треба време да се заврши анализата и да се утврди целата шема на соработници, клиенти и контакти.
Во однос на тоа од каде ја набавувал дрогата, според досегашните сомненија, станува збор за лице од Нови Пазар, познато на службите и поради контакти со извесни радикални структури.
Уапсената криминална група која дилала дрога е составена од пет лица на возраст од 26, па се до 51 година. Истражен судија на сите петмина и одредил по 30 дена притвор.
Според информациите на МВР, групата набавувала и продавала наркотична дрога на нарко зависници од подрачјето на Град Скопје, но, и во други градови од државава.
Наркотичните средства дилерите ги продавале по цена од 3000 до 4500 денари за една паковка.