Скопје е за „Нова“ , Атина за „Вардарска“ Македонија

Електронското издание на грчкиот весник ekathimerini.com, повикувајќи се на „добро информирани извори“ кои се повикуваат пак на минатонеделните средби на грчкиот премиер Алексис Ципрас со шефот на грчката дипломатија Никос Коѕијас и архиепископот Јеронимос, пренесува во неделата дека грчките власти би го прифатиле името „Република Вардарска Македонија“ (Republika Vardarska Makedonija – Republic of Vardarska Macedonia). како дел од договорот во спорот со Република Македонија.

Од друга страна, пак, според истите извори на грчкиот весник, властите во Македонија повеќе биле расположени за името „Република Нова Македонија“ (Republika Nova Makedonija – Republic of New Macedonia).

Се очекува македонскиот премиер Зоран Заев во среда или четврток да се сретне со грчкиот колега по должност Алексис Ципрас, на маргините на Светскиот економски форум кој се одржува во швајцарски Давос, на разговори за напредокот на прелиминарните преговори за решавање на спорот за името. Следен чекор ќе биде разговори меѓу министрите за надворешни работи на земјите следниот месец, пишува уште ekathimerini.com.

Весникот, исто така, пишува дека медијаторот на Обединетите нации, Метју Нимиц, рекол дека ставил пет предлози: покрај двете погоре споменати, и „Република Горна Македонија“(Republika Gorna Makedonija – Republic of Upper Macedonia), „Република Северна Македонија“ (Republika Severna Makedonija -Republic of Northern Macedonia) и „Република Македонија (Скопје)“ (Republika Makedonija [Skopje] – Republic of Macedonia [Skopje]).