Бразилскиот жалбен суд го потврди обвинението против екс претседателот Лула

Бразилскиот апелационен суд одлучи во средата со три гласа „за“ и ниеден „против“ да го поддржи обвинението за поранешниот левичарски претседател Луиз Инасио Лула да Силва што претставува голем удар за плановите на овој највлијателен бразилски политичар и покрај тоа што е водечки во анкетите годинава повторно да се кандидира за претседател на Бразил.

Едногласната одлука ги намалува опциите на Лула да Силва да се жали на пресудата и најверојатно ќе му биде одбиена кандидатурата за претседателските избори кои се закажани за 7-ми октомври.

Судот ја зголеми и неговата казна од девет на дванаесет години затвор под обвинение за примање мито од инженерска компанија во замена за договори со државата во текот на неговиот претседателски мандат од 2003 до 2010 година.

Лула, кој и покрај обвинувањата и натаму е најпопуларниот политичар во Бразил, веќе беше осуден и поднесе жалба на пресудата за корупција којашто би го оневозможила да се кандидира за претседател на изборите следната 2018 година. Лула, исто така, се соочува со уште четири судски процеси за корупција.

Обвиненијата кои против него беа покренати во септември 2017 година произлегоа од истрагата којашто открила дека наводно група компании подмитувала функционери за да осигури поволни договори со „Petrobras“. Тие откритија покренаа серија истраги кои го потресоа бразилскиот политички систем и економијата.