Турција ќе го почитува договорот со Русија за купување на нејзиниот противраектен систем С-400, објави во петокот официјална Анкара, откако четворица американски сенатори го изнесоа законот за планираната испорака на американските борбени авиони „F-35“ во кои учествува и Турција доколку оваа земја го игнорира американското противење за купување на руските системи.
Шефот на турската дипломатија, исто така, рече дека на земјата ѝ се потребни ракетни системи и потсети дека на потпишувањето на договорот со Русија се одлучиле откако Турција беше одбиена од западните сојузници и откако Анкара под нивен притисок го раскина договорот за заедничко производство на одбранбени воздушни системи со Кина.
„Разговаравме со многу земји, но некои од овие држави не сакаа да ни испорачаат системи за противвоздушна одбрана. На крајот се договоривме со Русија и потпишавме договор. Тој договор е валиден и се договараме кога ќе биде испораката. Договорот се склучен“, рече турскиот министер за надворешни работи Мевлут Чавушоглу по средбата со рускиот колега по должност Сергеј Лавров.
Американски сенатори во четвертокот го изнесоа предлогот да се забрани трансферот на авионите „F-35“ од САД во Турција, додека американската влада не потврди дека Анкара нема да ја прими испораката на системот С-400. Турција финансиски е производен партнер во програмата на борбените авиони „F-35“, меѓутоа САД кои ѝ се парнтерни во НАТО, се противат на купувањето на рискиот антиракетен систем.
„Турција прими контрадикторни изјави од САД… Ние ги исполнивме сите свои обврски во однос на F-35“, одговори во петокот Чавушоглу.
Истакна, исто така, дека „кога трети земји се противат на одлука на две земји, тоа едноставно е во противречје со меѓународната политика“.
„Ние потпишавме договор со Русија, и нас не нѐ тангираат трети земји. Ние се снабдуваме за наши потреби, противвоздушен систем нам ни е потребен. Русија може да го продава системот С-400 во трети земји, зошто тогаш ние да бидеме против еден производ кој го купуваме за себе? Важен момент (од договорот) е што некои компоненти ќе се произведуваат во Турција“, рече Чавошоглу и истакна дека неговата земја нема намера да го продава овој систем на други држави.