![spain-sanchez](https://i0.wp.com/netpress.com.mk/wp-content/uploads/2019/10/spain-sanchez.jpg?resize=696%2C454&ssl=1)
Шпанскиот премиер на заминување Педро Санчез ја напушти во понеделникот вечерта Барселона, каде престојуваше во еднодневна посета на државната полиција, без да се сретне со претседателот на каталонската влада Квим Тора, кој неколкупати го повика на средба.
Санчез на Тора ниту му се јавувал на телефон, ниту го известил за неговото доаѓање во каталонската престолнина која цела седмица ја потресуваат масовни и најжестоки досега протести на поборниците на независноста, но му испратил писмо во кое барал од него јасно да го осуди насилството во текот на протестите. Тора уште претходно го осуди насилството, а каталонскиот министер за внатрешни работи Микел Буш од прес-конференцијата го критикуваше однесувањето на Санчез како некоректно.
Шпанскиот премиер ја посети зградата на шпанската сојзуна полција во Барселона каде ги пофали полицајците „за професионализам и доследност на јавната служба“. „Кризата не е завршена. Мораме да бидеме истрајни“, истакна Санчез.
На излезот од зградата, која во текот викендот ја китеа поборниците на унитаризмот на Шпанија носејќи цвеќе и шпански знамиња, Санчез го дочекаа исвиркувања од повеќе десетици демонстранти. „Слобода за политичките затвореници“, му викаа поборниците на независноста на Каталонија.
Премиерот потоа посети две болници во кои закрепнуваат полицајците повредени во текот на седумдневните протести против пресудите за каталонските функционери. И таму некои од болничкиот пресонал го исвиркуваа повикувајќи на ослободување на осудените каталонскки активисти и функционери.
Платфорната „Демократско цунами“ огранизираше помал протестен собир на кој демонстрантите седеа на земјата со подигнати натписи на англиски јазик „Шпанија, седни и разговарај“. Комитетите за одбрана на Републиката (CDR), организација која заговара независност на Каталонија, започнаа протест пред зградата на покраинското министерство за внатрешни работи каде што стотици демонстранти во понеделникот вечерта пуштаат шарени балони наполнети со боја. Пред нив се поставени железни огради на приодот кон зградата. Балоните со боја се пуштаат кон фасадата на зградата настојувајќи да ја исшараат. CDR со денови бара оставка од министерот Буш, поради испраќање на каталонските полицајци на демонстрантите. На референдумот од 1-ви октомври 2017 година, кој го забрани Уставниот суд во Мадрид, каталонската полиција одби да ја спроведе наредбата на централната влада на Шпанија и не го попречи одржувањето на гласањето.
Шпанската вицепремиерка Кармен Калво изјави во Мадрид дека премиерот Санчез нема намера да се сретне со Тора, бидејќи каталонскиот претседател повторува оти има намера да организира нов референдум во Каталонија и „затоа што не покажа ниту еден знак“ дека е подготвен да го почитува шпанскиот устав. Нивните позиции се спротиставен и не е изгледно дека би се приближиле ниту при евентуална средба, додаде.
Тора во петокот рече дека следните седмици ќе ја брани идејата за организирање нов референдум преку кој би можело да биде воспоставена Република Каталонија до крајот на неговиот мандат во декември 2021 година. Истакнува дека Каталонците му дале мандат за тоа на вонредните избори во декември 2017 година, кои ги распиша владата во Мадрид откако привремено ја суспендираше автономијата на Каталонија. Трите каталонски партии кои се тврдо за независност тогаш во парламетот во Барселона освоија 70 од 135 мандати.
Санчес, пак, минатата седмица истакна дека шпанскиот устав не дозволува референдум во покраините, и дека може да се разговара само во рамките на законот. Ја одбива и идејата за амнестија на осудените каталонски функционери, и вели дека тие мора да ги отслужат затворските казни поради кршење на законите.
Доаѓањето во Барселона во понеделникот беше првата посета на Санчез на Каталонија, најбогатата автономна покраина со 7,5 милиони жители на североистокот од Шпанија, откако пред една седмица Врховниот суд во Мадрид осуди девет каталонски челници на затворски казни во траење од 9 до 13 години, поради организирање на референдумот за независност.
Истиот ден започнаа масовните протести во кои досега се повредени околу 600 лица, од кои 288 се полицајци. Приведени се 194 лица, од кои 104 досега се изведени пред судија. Притворени без можност да платата кауција се 28 луѓе. Градските власти на Барселона проценија дека штетата од судирите изнесува околу 2,5 милиони евра. Шпанскиот министер за внатрешни работи, Фернандо Гранде-Марласка извести дека се оштетени 267 полициски возила.
Ширум Каталонија и во понеделникот се одвиваат протести.