Српски лекари од неформалната група „Обединети против ковидот“, побараа во вторникот од владата на Србија да го смени Кризниот штаб за борба против коронавирусот, и истрага за наводно прикривање на податоците за епидемијата на Covid-19.
Околу 350 лекари во отворено писмо до владата остро се оградуваат од Кризниот штаб, барајќи негова смена и формирање нов штаб, со оцената дека „Србија се најде во јавноздравствена катастрофа“. Се бара, исто така, да се спречи „заплашувањето и политизацијата кои го нарушуваат личното достоинство на здравствените работници“.
Потписниците на отвореното писмо до државниот врв истакнуваат дека „моралната и професионалната обврска им наложува да укажат на сериозноста во која се наоѓаат“ во стварноста која се разликува од официјалните податоци и информации.
„Нашата човечка и професионална реакција на стварноста со којашто медицинските работници секојдевно се среќаваат во својата работа даведе до оваа иницијатива“, наведува групата потпишани лекари, наведувајќи дека „не постојат формални организатори покрај потписниците на прогласот“, како и дека зад него стојат сите потписници и иницијатори.
Порачуваат дека иницијативата останува отворена за сите лекари кои со своите потписи сакаат да дадат поддршка во настојувањето да се врати довербата на граѓаните во здравствениот систем на Србија.
Лекарите бараат на јавноста да ѝ се објаснат надлежностите над базата податоци на порталот covid19.rs, како и да се организира и реформира постапката за веродостојно утврдување на бројот на заразените, заболените и починатите од Covid-19 и во општата популација и меѓу здравствените работници.
Со прогласот 350-те лекари бараат и независна истрага доколку се утвррди дека податоците биле намерно забошотувани, додека за одговорните кои во тоа свесно и намерно учествувале бараат професионална, а и секаква друга одговорност.
Одговорноста за настанатите последици треба да ја преземе Кризниот штаб во целост, порачуваат лекарите, барајќи да се формира нов штаб „кој би го сочинувале експерти со докажани стручни и морални квалитети“.
На јавноста и новите членови итно би требало да им се разјаснат причините за неуспехот на актуелниот Кризен штаб, порачуваат уште во отвореното писмо потпишаните 350 српски лекари, барајќи да се „застане на патот на заплашувањето и политизацијата коишто и онака, а особено во епидемијата, ја попречуваат добрата практика и го нарушуваат личното достоинство на здравствените работници“.
Со апелот до властите „брзо да реагираат, согласно тешката моментална ситуација“, лекарите ги повикуваат граѓаните да ги „почитуваат епидемиолошките препорака, и покрај нивното задоцнето носење“.
„Ги повикуваме колегите да застанат крај нас, бидејќи единствен начин да го победите стравот кој владее во здравствотот е сите да застанеме заедно. Само заедно можеме да си помогнеме едни на другите. Само заедно можеме да им помогнеме на граѓаните на Република Србија во оваа борба. Борбата против ковидот е заедничка борба“, се наведвуа во писмото на групата „Обединети против ковидот“.
Голем дел од јавноста во Србија веќе подолго време е сомничав кон официјалните податоци за бројот на тестираните на коронавирусот, регистрираната бројка заболени, како и за бројките на хоспитализираните и починатите. Овие сомнежи се појавија откако странски финансираната Балканска истражувачка мрежа (BIRN) објави податоци кои не се согласуваат со официјалната евиденција на националните институци во Србија.
Според сознанијата на BIRN, наводно податоците од информациската база на Институтот за јавно здравје „Батут“ во кој истражувачите на мрежата тврдат дека имале увид, покажале дека во Србија од 19-ти март до 1-ви јуни од коронавирусот починале 632 пациенти, што е 388 повеќе од официјналната бројка соопштена за тој период. Од Институтот „Батут“ ја негираа точноста на тие податоци на мрежата обвинувајќи дека информациите „сензационалистички се пласираат во јавноста… и дека не се точни“. Оценија и дека е „опасно кога поединици, кои не се медицински стручњаци, објавуваат толкувања во поглед на класификацијата на заразените пациенти, врз основа на неточни податоци“.
Од друга страна, пак, ставовите и пораките на Кризниот штаб, особено на поедини негови членови, отворено се доведуваат во сомневање како неусогласени, неединствени и контрадикторни, со обвинувањето дека Кризниот штаб толерирал некои политички одлуки и покрај претходните недвосмислени ставови на стручњаците за управување со епидемијата.