Незапаметено обилните врнежи, повеќе од 100 литри на квадратен метар, предизвикаа поплави и во источната германска сојузна покраина Саксонија, а поплави има и во Австрија, пренесуваат тамошните медиуми.
Поплавите го погодиле популарното туристичко место познато како Саксонска Швајцарија (Источни Рудни Планини), ридеста област крај долината на реката Елба близу Дрезден. Властите во округот објавија во текот на измината вечер дека неколку градови не се достапни, како и дека особено се погодени Нојштат, Зебниц, Бад Шандау, Рајнхартсдорф-Шена и Гориш.
Властите го повикаа населението да ги напушти подрумите, подземните гаражи и подземната железница. Покрај тоа, граѓаните беа предупредени дека се поплавени патните правци и дека патиштата може да претставуваат голема опасност.
Според покраинскиот центар за поплави, нивото на водата 4 е надминaта на мерната станица во Нојштат 1 и на реката Поленц. Во долниот тек на реките Кирнич, Зебници и Лахсбах е забележан „екстремен раст на водостојот“. „Може да се очекуваат силни поплави“, оцени центарот.
Во поплавите кои ги погодија оваа седмица главно западните покраини Северна Рајна-Вестфалија и Рајнска облас-Пфалц, смртно настрадаа повеќе од 140 лица и се очекува дека оваа бројка ќе се зголемува. Причинети се, исто така, и големи штети.
Округот Берхтесгаденер-Ланд во германската покраина Горна Баварија прогласи ситуација на катастрофа поради поплавите. Бројни се случаите на лизгање на земјиштето, а пожарникарите се преоптоварени, изјави во саботата ноќта портпаролот на центарот за контрола за оваа област.
Таму особено се погодени градовите Берхтесгаден и Бишофсвизен, во југоисточна Баварија. Некои куќи се евакуирани. Населението е повикано да ги евакуира подрумите и да ги избегнува улиците, кои се преплавени со вода.
По обилните дождови, поројни поплави го погодија и градот Халајн во соседна Австрија. Потокот се претворил во порој, потврди во саботата локалната полиција, емитувајќи снимки на кои се гледа како надојдената вода носи со себе автомобили.
„Ситуацијата е многу напната, делумно и драматична“, изјави полицискиот портпарол. Сепак, засега нема индиции за жртви или настрадани, додаде. Населението од претходно е предупредено на внимателност и да не се симнува во подрумските простории на куќите.
Ситуацијата е напната и во другите делови на Австриски Алпи. Околу Кицбил, во западната покраина Тирол, пожарникарите од бројни подруми испумпувале вода во саботата вечерта.