Големите суши во последните 20 години, а потоа и најлошите мразови во изминатите неколку децении во Бразил, како и новите, рекордно високи трошоци за превоз, веќе доведоа до брз пораст на цените на кафето во светот.
Бразил испорачува 30 отсто од вкупниот светски извоз на кафе. И токму оваа земја ја зафатија големи природни катастрофи и штети предизвикани од климатските промени. Обемот на штетата се утврдува, но во областите каде што плантажите за кафе не преживеаја, ќе бидат потребни седум години за целосно да заживее производството, тврдат експертите.
По екстремните суши во Бразил во првата половина од годината, кои ги намалија приносите и ги зголемија светските цени на кафето во текот на минатата недела, мразот ги погоди клучните бразилски региони со кафе и дополнително ги намали приносите, што доведе до нов експлозивен скок на берзите. Цената на кафето двојно се зголеми за само неколку дена.
Бразилското здружение на производители на кафе Абиќ проценува дека цените на печеното кафе во Бразил скокнале за околу 80 отсто од декември до крајот на јули. На американскиот пазар, цената на Арабика практично се удвои во последните 12 месеци.