За три пати пораснал бројот на Руси кои во зима доаѓаат во Македонија, а 11 руски тур-оператори ќе направат свои програми за туризам за повеќедневен престој во зимските центри низ земјава, јавува МИА. Русите го сакаат гастротуризмот, но и верскиот и културен елемент на посетата, а нивниот број годинава пораснал за три пати затоа што руската авиокомпанија „Нордвинд“ овозможи директни летови меѓу Скопје, Москва и Санкт Петербург.
Градови од западниот дел на Македонија вклучително и Охрид ќе бидат дел од програмите на туристите, а македонската Агенција за промоција и поддршка на туризмот (АППТ) ќе им помогне со сите информации и ќе им укаже на туристичките агенции каде и што од Македонија треба да им понудат на своите клиенти. Директорот на агенцијата, Љупчо Јолевски одржа јавна презентација со конкретни препораки.
„И покрај обидите за промоција на домашните туристички потенцијали, во изминатата декада овој пазар бележеше стагнација поради недостатокот на директен лет, но со директното поврзување оваа година, бројот на туристи во првите седум месеци во 2021 година порасна за 299 отсто во споредба со истиот период во 2020 година, додека бројот на ноќевања за истиот период е повисок за 262 отсто“, наведува Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот.
Агенцијата месецов ќе почне со промотивни активности на рускиот пазар во соработка со Македонско-руската стопанска комора. Ќе организира презентации пред руски тур-оператори во Москва, а потоа и во Санкт Петербург. АППТ во наредниот период ќе се фокусира н Русија и на Украина како потенцијални пазари.
Просечниот престој на руските туристи во земјава изнесува 2,3 дена во текот на првите седум месеци за 2021 година, додека посетите на веб-страницата Northmacedonia-timeless се покачени за три пати откако е најавена директната линија Москва – Скопје. Интересот на руските туристи генерално е насочен кон гастрономијата и верскиот туризам, но не е за игнорирање и интересот што овој пазар го има за специјализирани кратки одмори, до четири дена, во Скопје и Охрид.