Дарко Ѓукиќ конечно ја имаше и својата официјална промоција во нов член на Металург, по што веднаш ќе му се приклучи на тимот на Лино Червар на подготовките во Маврово. Овој 20-годишен српски ракометар пристигнува од Железничар од Ниш и ќе биде освежување за деснокрилната позиција, каде ќе му биде конкурент на нашиот репрезентативец Гоце Георгиевски. Ѓукиќ, кој важи за еден од најталентираните млади ракометари на овие простори, и кој имаше проблеми во реализацијата на овој трансфер, сепак успеа во своите намери да заигра за нашиот ракометен шампион, а подоцна се приклучува на екипата поради обврските што ги имаше на младинското Европско Првенство што се одржуваше во Австрија.
„Се радувам на соработката со еден од најдобрите тренери во светот, Лино Червар. Се радувам што ќе бидам дел од еден голем клуб, каков што е Металург. Секако, посебен аргумент во полза на моето доаѓање во Металург е и настапот во Лигата на шампионите. Металург за мене е нов предизвик, нова средина, и јас се надевам дека ќе ги исполнам очекувањата. Се надевам дека периодот поминат во Металург ќе го искористам за мој дополнителен развој“ – изјави Ѓукиќ при својата официјална промоција како нов член на македонскиот првак.
По овој трансфер, на Металург му останува уште да се засили на позицијата пивот, со што ќе биде комплетиран тимот кој тренерот Лино Червар го посакува за идната сезона.