До овој момент е направен здравствен надзор над неколку лица што се по потекло од Нигерија, но е констатирано дека не доаѓаат од ризичната земја, зашто неколку години претходно работеле во Грција и во Турција и кај нив не се утврдени никакви здравствени симптоми, пишува Нова Македонија.
Смртоносниот вирус сѐ уште претставува закана
Граничните полицајци минатата недела успеале да спречат три обиди за шверцување мигранти и да уапсат тројца шверцери, а во акциите се откриени и државјани на Нигерија, каде што се шири заразната болест ебола. Од Министерството за здравство велат дека од скопскиот центар за јавно здравје веднаш разговарале со доселениците и процениле дека нема опасност за ебола. Оттаму проценуваат дека ризикот од пренесување ебола од лица што неовластено ја преминуваат границата е мал, но сепак постои потенцијален ризик.
Македонија презема мерки за заштита од заразата зајакнувајќи ја контролата на аеродромите, а здравствените власти набавија скафандери како дел од мерките за превентивна заштита.
– Токму во насока на минимизирање на ризиците, Центарот за јавно здравје-Скопје е во постојана комуникација со МВР, од каде што се добиваат податоци за лицата пристигнати во Центарот за азиланти и од која земја тие доаѓаат. Во случај да доаѓаат од ризични земји, каде што има случаи на ебола, лекари од центарот вршат надзор врз здравствената состојба на овие лица и доколку имаат покачена телесна температура и други симптоми од ова заболување, ќе бидат испратени на лекување во Клиниката за инфективни болести. Таму има определено посебни простории со негативен притисок за хоспитализирање на овие лица – информираат од Министерството за здравство.
До овој момент, велат оттаму, направен е здравствен надзор над неколку лица што се по потекло од Нигерија, но е констатирано дека не доаѓаат од ризичната земја, зашто неколку години претходно работеле во Грција и во Турција и кај нив не се утврдени никакви здравствени симптоми.
Албанија преполна со доселеници од Африка
За разлика откај нас, албанската полиција во близината на Валона привела 40 илегални мигранти, од кои за петмина постои сомневање дека можеби се инфицирани со вирусот на ебола, информира радиото Слободна Европа. Според полициски извори, илегалците, кои по потекло се од Еритреја, прво пристигнале во Грција, а потоа илегално влегле на албанска територија. Точниот број мигранти во Албанија не е познат, но, според полицијата, од почетокот на годинава досега биле откриени петстотини, главно од Еритреја и од Сомалија. Тие ја користат албанската територија како транзит за да заминат во некоја западноевропска земја.
Патници или граѓани со симптоми на ебола беа хоспитализирани во Грција, Романија, Њујорк.
Инаку, најмалку 29 заболени од ебола побегнале од здравствениот центар во Либерија откако тој им бил цел на вооружени напаѓачи, кои го ограбиле. Челниците на локалната асоцијација на медицински работници потврдија дека нападот се случил.
– Ја разбиле вратата, упаднале во центарот и сѐ ограбиле, извикувајќи дека во земјата нема ебола, по што речиси сите пациенти побегнале – рече Ребека Весех од асоцијацијата.
Упадот во медицинскиот центар се случува непосредно по одлуката на Кенија да ги затвори границите со Либерија, Гвинеја и со Сиера Леоне, поради страв од ширење на еболата. Националниот авиопревозник „Кенија ервејз“ минатата недела ги суспендира сите летови кон Монровија и Фритаун.
Експерименталниот лек помага
Тројца африкански лекари заболени од ебола добиле доза од експерименталниот американски лек против смртоносниот вирус. Лекарите, двајца од Либерија и еден од Нигерија, се првите Африканци што се подложни на овој третман. На двајцата американски лекари на кои претходно им беше даден лекот им се подобрува здравствената состојба, но шпанскиот свештеник, кому исто така му беше даден, почина во Мадрид во текот на примањето на терапијата.
Поради страв од заразување со ебола сѐ повеќе лекари и помошен медицински персонал бегаат од болниците во Нигерија. Најзагрозена е болницата „Јаба Меинленд“ во Лагос, во која се изолирани голем број заразени, јавуваат нигериските медиуми. Многу лекари и медицински сестри ја напуштиле болницата под притисок на своите семејства.
Низ Западна Африка од ебола оваа година починаа најмалку 1.145 лица.
Еболата се пренесува преку контакт со крв или други телесни течности од заразено лице, од заразени животни или преку контакт со свежо заразени предмети од околината.