Невремето со обилни врнежи продолжи во вторникот да пустоши на источниот австралиски брег, зајакнувајќи ја кризата со поплавите во Сиднеј, бидејќи на дополнителни илјадници жители им е наредено да ги напуштат своите домови, откако водостојот на реките брзо пораснал над опасните нивоа.
Околу 50.000 жители на сојузната држава Нов Јужен Велс, повеќето во западните предградија на Сиднеј, добиле наредба или да се евакуираат или се предупредени дека би можеле да добијат налог за евакуација, соопштија властите. Во понеделникот на такви упатства беа опфатени 30.000 жители.
„Овие случувања се далеку од крајот. Каде и да сте, бидете претпазливи кога е возите по патиштата. Сѐ уште постои значителни ризици од ненадејни поплави“, изјави за новинарите премиерот на Нов Јужен Велс, Доминик Перотет.
Сојузниот премиер Ентони Албанезе, кој во вторникот се врати во Австралија по еднонеделната турнеја во Европа, изјави дека во средата ќе ги посети погодените области.
Сојузната влада поплавите ги прогласи за природна катастрофа, помагајќи им на жителите погодени од поплавите да добијат итна финансиска поддршка.
Бурата којашто во три дена во области донесе дожд во обем еднаков на целогодишното ниво, веројатно ќе попушти во Сиднеј од вторникот, објави државната метеоролошка служба BoM. Но ризикот од поплави би можел да остане до крајот на седмицата, бидејќи повеќето речни сливови се близу максималните капацитети и пред поплавите.
Во некои региони од саботата наврнале 800 милиметри дожд. Просечното количество врнежи во Австралија е околу 500 милиметри.
На неколку поплавени подрачја се предвидуваат и ветрови со брзина до 90 километри на час, што го зголемува ризикот од паѓање на стебла и далноводи.
Големите поплави го погодиле и Виндзор, западно од Сиднеј, што е третата и најтешка поплава годинава во оваа област, според метеоролошката служба. Снимките на социјалните мрежи покажуваат потопени коловози и мостови, додека тимови на службите за итни случаи спасуваат луѓе од делумно потопени возила.